Собранието попладнево ја констатира оставката од пратеничката функција на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој е мандатар за составување на новата влада.
Претседателот на Парламентот Талат Џаферија кажа дека Заев нема да ја образложи оставката и ја прекина седницата се додека не го добијат потребниот извештај од ДИК кој треба да му издаде уверение за пратеник на следниот на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, кој што ќе дојде на местото на Заев. По добивањето на уверението од ДИК, седницата ќе продолжи со верификација на мандатот на новиот пратеник.
Се очекува оставки да поднесат и други пратеници кои треба да заминат на нови функции во извршната власт. Покрај Заев, тоа се Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ.
Лидерот на СДСМ Заев најави дека ќе го поднесе предлогот за состав на нова влада во Собранието откако пратениците кои треба да бидат министри ќе поднесат оставки, ќе бидат верифицирани мандатите на тие што ќе ги заменат и ќе биде донесена одлука за бројот на потпретседатели на Парламентот.