Пратениците на денешната собраниска седница ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат неколку закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.
Пратениците ги усвоија предлог законите, чиј предлагач е Владата, за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека владејачкото мнозинство со усвојување на овие предлог закони на Владата, го крши највисокиот акт во државата, заедно со Деловникот на Собранието.
„Денеска пред нас се наоѓаат пет закони кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д, на кои оваа Влада се одлучи по којзнае кој пат да го злоупотреби европското знаменце. Ова значи дека сега ќе имаме опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони. Ова е предвидено со членот 135 од Деловникот при што треба да се наведат податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, како и изјава за усогласеност. Потпис на надлежниот министер, како и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по истите“, рече Мицевски.
Предлог-измените на законите со европско знаменце стигнаа во Собранието без образложение за усогласување со правото на ЕУ
Тој побара согласно членот 136 претседателот на Собранието и во оваа фаза да ги врати овие закони и да побара од предлагачот да ги усогласи одредбите.
Овие закони, како што предложи Владата, ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, односно тие се со европско знаменце.
Во врска со предложените измени на законите со европско знаменце од Делегацијата на Европската Унија реагираа дека тие не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.
„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување (на македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда за ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом“, рекоа од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Делегација на ЕУ: Употребата на европското знаменце на законите за коридорите 8 и 10-д не е во согласност со стандардите на Унијата
Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања завчера изјави дека од политички аспект е ставањето европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10 и дека се во редовна комуникација со Европската Унија и оти објасниле зошто го прават тоа.
„Тоа што мислам дека треба отворено да си го кажеме, оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите и впишани во европските трансевропски мрежи и за еден ваков проект реализиран од американска компанија“, рече Маричиќ.