Со 57 гласа за, без ниту еден против или воздржан, Собранието го усвои новиот Закон за јавни набавки. Законот ќе стапи на сила од април.
Како што соопшти Министерството за финансии (МФ), новиот Закон за јавни набавки е усогласен со легислативата на ЕУ и ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки.
– Она што е најважно е што се воведува економски најповолната понуда како единствен критериум за доделување на договорите. Примената на овој критериум може да вклучува три различни пристапи: само цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многу повеќе, рече министерот Драган Тевдовски на вчерашната седница, образложувајќи го Законот.
Тевдовски истакна дека претходниот закон базираше на директивите за јавни набавки на Европската унија од 2004 година, а во меѓувреме беа донесени бројни измени и дополнувања, што го оддалечија од европското законодавство. Од таа причина, како што рече министерот, беше потребна темелна и сеопфатна промена, согласно актуелните европски практики.
Тевдовски посочи и дека новиот Закон содржи решенија кои ќе ги заштитат правата на работниците кои учествуваат во извршувањето на договорите за јавна набавка, како и подизведувачите. Исто така, се воведуваат одредби кои се однесуваат на вклучување социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување на инклузивен раст и вработување социјално загрозени групи.
-Со Законот се воведуваат и низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки. Со поголема застапеност на малите и средни претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата. Се поедноставуваат постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка. Новиот закон за јавни набавки превидува и низа на антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки, наведува МФ.