Собранието ги именува Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка

by irena 00:14
00:14

Собранието денеска на предлог на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка, со мандат од седум години.

Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер откако првпат беше именувана во октомври 2018 година.

Митреска е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка. Во досегашната кариера, како што се наведува во материјалите за нејзиниот предлог за функцијата, таа дала значаен придонес во областа на макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката дејност, а активно учествувала и во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг.

Митреска е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

За Игор Величковски, кој исто така е избран за оваа функција, се наведува дека е долгогодишен истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка.

До изборот на функцијата вицегувернер, Величковски беше директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, при што беше вклучен во клучни реформи на платната инфраструктура и процесите на нејзина модернизација, како и во приклучувањето на земјата кон Единствената европска област за плаќања – СЕПА во 2025 година.

Во текот на собраниската расправа пратеничката Сања Лукаревска од редовите на СДСМ и поранешна директорка на Управата за јавни приходи упати критики во однос на постапката и роковите за избор на вицегувернерите. Таа нагласи дека не го оспорува професионалниот кредибилитет и биографиите на кандидатите, оценувајќи ги како „импозантни“, но посочи дека постапката за нивно предлагање и избор не била спроведена во согласност со законските рокови.

Лукаревска потсети дека мандатот на двајца вицегувернери истекол на 18 октомври 2025 година, додека изборот се реализира дури на 8 април 2026 година, и оцени дека со тоа е прекршен Законот за Народната банка.

Според неа, ваквото доцнење ги загрозува легалното функционирање, легитимитетот и кредибилитетот на Народната банка, особено во услови на економска и финансиска чувствителност.

Таа најави дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа против изборот, не поради кандидатите, туку, како што рече, како аларм за непочитување на законите и роковите.

Слични вести