Собранието едногласно: Нула ДДВ за леб, јајца, масло, помала акциза за нафта

by Фокус

Собранието доцна вечерва со 95 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ го донесе Предлот-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, а со 96 гласа „за“ и исто така без ниту еден „против“ и „воздржан“ ги донесе измените на Законот за акцизите по скратена постапка.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, погодена од, како што рече, енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари.

-Актуелната ситуација во домашната економија, погодена главно од цените на основните производи, од категоријата на прехранбени производи, се преземаат мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните од повисоките цени, особено најранливите категории од социјален аспект и домашната економија. Со цел да се надмине оваа ситуација, потребно е да се интервенира – рече Бесими.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, пак, ја обвини власта дека не ги зела предвид нивните предлог-измените за Законот за акциза и Законот за ДДВ кои ги доставиле уште пред две недели.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, несфатливо е опозицијата да ги гледа решенијата на различни начини, додавајќи дека треба да се донесат одлуки кои ќе им помогнат на граѓаните во време на криза.

Инаку, со усвоените законски измени, ДДВ-то ќе се намали од 5 на 0 отсто за основните прехранбени продукти (леб, шеќер, бело брашно, масло за јадење, јајца, ориз), а акцизата за нафтените деривати од 18 ќе падне на 10 отсто.

Поврзани новости