Собранието четврти ден ќе расправа за ребалансот на Буџетот

by Fokus

Собранието денеска ќе ја продолжи 20-тата седница во рамки на која четврти ден ќе се расправа по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на државниот Буџет за 2020 година, односно вториот ребаланс за годинава, кој според власта е потребен за справување со вториот бран од пандемијата со Ковид-19 и за ефектуриање на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра.

Во досегашната расправа, пратениците од владејачките партии порачаа дека намалувањето на капиталните инвестиции со ребаланост е со единствена цел да се овозможи да се исплатат средства за оние на кои им се најпотребни за да се справат со последиците од коронакризата, а за опозицијата носењето на вториот ребаланс годинава се должи на непрактичното работење на власта.

Со Ребалансот се обезбедуваат средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки кој содржи сеопфатни мерки за помош на граѓаните, стопанството и економијата. Со него, според предвидувањата, треба да се спасат 83.000 работни места преку исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечено. Покрај тоа, околу 283.000 граѓани треба да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка. За компаниите, пак, погодени од кризата, наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.

Со ребалансот вкупните приходи во Буџетот се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, вкупните расходи на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот Буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година.

Поврзани новости