Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) на денешната седница го прифати предлогот на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз со кој се бара од надлежните институции да достават Информација за софистицираните системи „Пегасус“ и „Предатор“, посебно за нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби.
„Во информацијата, покрај другото, треба да се опфатат и следните елементи – кои фирми се вклучени во производството и продажбата на системите, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти. Потоа, дали и која институција ги штити граѓаните од злоупотреба на овие системи“, рече Трајанов на седницата.
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ рече дека за можното користење на софтверите, во април упатиле пратеничко прашање на што добиле одговор дека не е регистрирана употреба на софтверите од институциите.
„После ставањето на фирмата која го произвела софтверот на ‘црната листа’, САД ѝ кажуваат на земјава дека тоа претставува закана за националната безбедност, меѓутоа ЈО на РМ се произнесува за ненадлежно. Практично, за некои странски држави производството на овој софтвер во нашата држава е закана за националната безбедност, а за нас очигледно дека нашите институции сметаат дека тоа не е. Тоа укажува на фактот дека свесно се употребува тој софтвер и се бега од вистината или, пак, несвесно се употребува, а институциите не се свесни дека таков софтвер имаме и дека нема капацитет за проследување на ваквите закани“,рече Ковачки.
Се очекува во Информацијата да биде дадена и оценка за казнените мерки, односно дали тие обезбедуваат превенција или треба зголемување на казните при злоупотреба на системите.
Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, МВР, но и военото разузнавање и други институции, овие информации треба да ги достават до Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР најдоцна до 18 август годинава.
Македонската компанија „Сајтрокс“ на „црната листа“ на САД поради шпионски софтвер
Bирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД во вторникот ја стави на својата „црна листа“ македонската компанија „Сајтрокс“ заедно со уште три фирми од Грција, Унгарија и од Ирска. Компаниите се санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот. Другите три фирми се унгарската компанија „Сајтрокс“ и двете фирми „Интелекса“, едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска. Сите се дел од истата мрежа.