Над еден милион денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа вработените во „Алкалоид“ АД Скопје, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка.
Средствата ќе бидат донирани на Клиниката за детски болести и тоа на одделите за епилепсија и за астма. Ова денеска го истакна генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов на традиционалниот хуманитарен пикник, кој седма година по ред го организира оваа фармацевтска компанија.
– Нашите вработени и нивните пријатели, посочи тој, повторно покажаа дека се хумани. Сакам да го изразам моето задоволство дека секој човек, секој поединец кој е дел од големото семејство „Алкалоид“ и понатаму покажува со своето однесување дека ние сакаме да помагаме, дека ние сме дел од овој систем на Република Македонија. Секаде каде можеме ќе се трудиме и понатаму да бидеме уште похумани и поодговорни како поединци и како компанија и да придонесуваме за еден подобар живот на сите околу нас, рече Мукаетов.