Израелско беспилотно летало се урна во Либан откако беше погодено со проектил, соопшти израелската војска, додека либанското движење Хезболах тврди дека го соборило.
„Ракета земја-воздух беше лансирана против беспилотно летало на израелското воено воздухопловство кое дејствуваше во либанскиот воздушен простор“, соопшти армијата, додавајќи дека дронот бил погоден и паднал на либанска територија.
Хезболах, од своја страна, објави дека соборил израелско беспилотно летало Хермес 450 кое летало над јужниот дел на Либан, во регионот Ал Аишиа.
Проиранската исламистичка група прецизираше дека го соборила дронот „за поддршка на палестинскиот народ“.
Од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа на 7 октомври, секојдневно има размена на оган меѓу израелската армија и Хезболах, кој тврди дека го поддржува палестинското исламистичко движење.
Проиранскиот Хезболах, кој има арсенал ракети и прецизни ракети, цели на израелски воени позиции и локации во близина на границата, а Израел реагира со бомбардирање цели на либанска територија, претежно на југ, вклучително и целни напади врз претставници на Хезболах и Хамас.