Комисијата за европски прашања ја одложи денешната седница на која требаше да се расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на население од заразни болести. Седницата е одложена за 14 декември, согласно распоредот на веб-страницата на Собранието.
Според Предлог законот, во случај на појава на заразна болест, се предлага забрана за влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или немаат потврда за прележана болест. Министерството за здравство исто така, ќе може преку примена на технолошки методи да спречи ширење на заразната болест.
Во членот 28 се додава нова потточка со која се забранува влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.
Во член 29, пак, се додава нов член 29 а, којшто заради спречување на ширење на заразни болести дозволува Министерството да примени технолошки достигнувања како интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично, при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населени од заразни болести е со европско знаменце, односно треба да се изгласа по скратена постапка.