Со заклучок на влада ќе се одблокира изборот на судии – многу драма за ништо?

by fokus

Со заклучок на вчерашната владина седница ќе се одблокира изборот на осум нови судии во Апелацискиот суд, кој кубури со кадар, но и 30 судии, слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.

Информацијата ја изготвил министерот за правда, Кренар Лога, на барање на владата откако во 2022 година, тогашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, не го потпишала анексот на договорот од 2019 година со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и „Виста груп“ кои ги спроведуваа психолошките тестови за судиите, без кои не може ниту да се изберат, ниту да се унапредат судии.

Дамева побарала мислење од владата и оттаму ја ивестиле дека нема акредитирана институција во Инстутот за акредитација за спроведување на психолошки тестови. Иако доставиле ваков одговор сепак тие му препорачуваат на Судскиот совет да продолжи со спроведување на психолошки тестови како и досега.

-Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ја разгледа и усвои информацијата на Министерството за правда за потребата од итно преземање на активности од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија за спроведување на психолошки тест и тест за интегритет.

На истата седница Влада донесе заклучок со кој му се препорачува на Судскиот совет на Република Северна Македонија да продолжи со спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет со постојните тела и институти преку кои биле истите спроведени до 2022 година, се до моментот додека друга институција не поднесе барање до Институтот за акредитација за нејзино акредитирање, велат за „Фокус“ од владата.

Одоговорот дека нема акредитирана институција за спроведување на тестови до Судскиот совет го испратиле од Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска.

Тие, пак, оваа информација ја добиле од Институтот за акредитација, тело кое акредитира лаборатории што изведуваат тестирање или калибрација, тела за сертификација на производи, системи и персонал и инспекциските тела.

И навистина, од Институтот до Кабинетот доставиле точен одговор, бидејќи до нив не стигнало ниту едно барање за акредитација за спроведување психолошки тестови, но прашањето е дали воопшто Институтот за социолошки и политичко правни истражувања треба да бара акредитација од Институтот за акредитација.

Во Институтот досега немале никакво искуство од нив да се бара акредитација за спроведување на психолошки тестови, ниту пак во во сестринските вакви Институти во странство.

Официјално Институтот за социлошки и политички правни истражувања треба да достави барање до нив, па тие да одлучат дали тие се правото место за акредитација.

Од Институтот пак објаснуваат дека се акредитирани по сите основи и дека нивниот психолошкиот тест е стандардизиран од Комората на психолози и дека нема потреба да биде акредитиран во Институт за акредитација.

-Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје е научна установа во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во рамки на Институтот постои психолошка лабораторија која функционира речиси 15 години и меѓу другото врши и применувачка дејност. Во психолошката лабораторија работат психолози со валидини лиценци издадени од Комората на психолози на РМ за вршење на психолошка дејност, велат за „Фокус“ од Институтот.

Тестот е стандардизиран врз основа на научно-истражувачка дејност, а неговото спроведување, како во случајот со судиите, влегува во апликативната дејност, објаснуваат од таму.

-Психолошкиот тест на личност и интегритет што се применува за потребите на Судски совет е меѓународно признат тест одобрен од Секција за психолошки тестови и Управниот одбор при Комората за психолози на РМ. Овој тест воедно се применува во сите земји од земјите-членки на ЕУ и ОЕЦД, велат од Институтот.

Во 2019 година, со измените во Законот за Судскиот совет, за спроведување на психолошкиот тест и првиот дел од тестот за интегритет, Судскиот совет ангажира стручни лица од независна и целосно акредитирана професионална институција и дека психолошкиот тест се спроведува врз основа на меѓународно признати психолошки тестови за вршење на функцијата судија, кои се применуваат во најмалку од една од земјите-членки на Европската Унија.

Откако е донесен Законот за тестот за интегритет и психолошкиот тест од 2015 година, тогашниот претседател на Советот, Бранко Ушковски склучил договор со Институтот и „Виста груп“ за спроведување на овие тестови што ги поминале сите судии.

Договорот немал рок на важност и цело време од сите досегашни претседатели на Советот бил продолжуван со анекси на договорот. Последниот, во 2021 година, го потпишала тогашната претседателка Павлина Црвенковска и договорот бил продолжен на три години, односно до 2022 година.

Во меѓувреме, односно во 2018 година, со одлука на парламентот беше укината обврската за полагање психолошки тестови за јавната администрација, со обрaзложение дека прават многу трошоци и се лесни за манипулација, но тие останаа како обврска за избор и унапредување судии.

Вакви психолошки тестови и тестови за интегритет, судиите и јавните обвинители полагаат и на Академијата за судии и јавни обвинители, па обвинителите немаат законска обврска да прават психолошки тестови. Единствено вакви тестови прават судиите и идните судии и обвинители во Академијата.

Пред контроверзното разрешување, дел од членовите на Советот ја прозваа Дамева токму за непотпишувањето на Анексот и ја обвинија дека со ова го блокира изборот на нови судии во второстепениот суд, кој е десеткуван. Но, Дамева децидно кажа дека, според неа, потпишувањето таков анекс е противзаконско.

– Нема законска основа да се потпише таков договор. Кој потпишувал пред мене, тоа не е важно. Тоа е тема за анализа со која другите органи ќе се занимаваат. Мене ми е жал што за тие штетни договори некој ќе мора да одговара – одговори Дамева.

Со овој проблем мандатот го почна новиот претседател на Судски совет, Сашко Георгиев кој одлучи да чека мислење од владата.

Ваквиот заклучок е најбрзо решавање на проблемот со оглед на тоа дека ако се менува Законот за судови, со кој се пропишуваат тестовите, Судски совет би се блокирал на подолг рок затоа што измените на овој закон треба да се изгласаат со двотретинско мнозинство.

Фросина ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости