Со внесување на менталното здравје во образованието до градење здрава младина

by fokus

Менталното здравје е важен сегмент во секојдневието. За жал, милиони луѓе вклучувајќи ги особено и младите ученици имаат потешкотии со менталното здравје, коешто им влијае на личниот, физичкиот, семејниот, социјалниот и академскиот живот.

Според глобалните податоци од УНИЦЕФ, еден млад човек од десет ќе искуси проблеми со менталното здравје.

Колку е важно менталното здравје во образованието?

Организацијата „Youth Can“ спроведе истражување со средношколци во Македонија кое покажа дека 50% од нив искусиле стрес, 40% имале симптоми на депресија и 30% се соочиле со анксиозност.

Но, само 0,5% од нив се отвориле пред училишниот психолог, додека 40% имале потреба од разговор или професионална нега.

„Од досегашното работење со младите во рамки на програмите за ментално здравје предизвиците поврзани со истото може да се групираат во неколку категории и тоа: препознавање, управување и канализирање на емоции и чувства, справување со стрес, бес и нервоза, недостаток на разбирање од околината, недоволно изградени и достапни системи  на поддршка и грижа за менталното здравје“, велат од YouthCan.

Тие додаваат дека следен чекор за креирање на систем и средина за позитивен пристап кон менталното здравје кај младите подразбира реформи во образовниот систем со цел да се сензивитизира темата со опфат на пошироката популација, но и реформи на здравствениот систем и препознавање на услугите од областа на менталното здравје.

Немањето на доволно формална едукација за тоа како да се соочиме со овие ментални предизвици, како и знаењето за тоа како да  поддржиме некој друг којшто има потешкотии не спречува да достигнеме позитивна промена за нас и идните генерации. Тоа го отвора прашањето, дали е менталното здравје доволно вклучено во нашиот образовен систем?

Зошто ситуацијата со менталното здравје е влошена?

Најрелевантните одговори за тоа колку отворањето на теми поврзани со менталното здравјо и детабуизирањето на овие теми во образовниот процес може да ги дадат токму самите ученици и студенти.

„Учењето за менталното здравје во училиште им дава можност на учениците не само да разберат што се случува со нив, туку и како да ги поддржат и разберат своите пријатели и врсници. Со толку постојани промени и раст, може да биде тешко да се разбере што се случува во главата на адолесцентите“, вели средношколка од скопска гимназија.

Таа ни објасни дека може да биде особено тешко да се разбере дали тие доживуваат симптоми на состојби како што се депресија, анксиозност, АДХД, биполарно растројство и други слични психолошки состојби. Едукацијата на учениците на теми како што се анксиозноста и депресијата не само што може да им помогне на илјадници деца, туку и да спаси животи. За жал, сè уште постои стигма околу менталното здравје, и тоа често е исклучено од наставната програма.

Според истражувањата на УНИЦЕФ Македонија, може да се заклучи дека некои од причините за проблеми со менталното здравје кај младите вклучуваат, отсуство на социјални контакти, недостиг од добри здравствени навики, стигма и дискриминација.

„Социјалната изолација и осаменоста се идентификувани како значајни придонесувачи за падот на менталното здравје кај младите. Социјалните врски обезбедуваат систем за поддршка кој им помага на поединците да се движат низ животните предизвици. Тие нудат емоционална поддршка, чувство на припадност и можности за споделување искуства.“ –вели активист и студент.

Тој додава дека социјалната изолација може да биде придружена со чувство на срам или стигма, што дополнително ги влошува проблемите со менталното здравје.

Што прави образовниот систем за овој проблем?

Која е всушност релацијата на нашиот образовен систем со менталното здравје? Дали таа постои?

„Во изминатиот период ги зајакнавме стручните служби и за да дадат дополнителна психосоцијална поддршка го зголемивме бројот на стручни соработници.“ – велат од  Министерството за образование и наука.

Тие објаснија дека се обезбедени квалитетни обуки за справувањето со стресот, анксиозноста и другите проблеми со менталното здравје, како и за насочување на учениците кон развој на здрави механизми за справување и градење отпорност. Околу 700 стручни соработници – професионалци за ментално здравје од сите основни и средни училишта – изминатава година биле обучени за новата Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните.

Клучна е и психолошката перспектива, токму во образовниот систем.

„За жал темите од областа на менталното здрaвје многу малку се застапени во наставните планови и програми во формалниот образовен систем. Во недостаток на вакви содржини или активности, можностите на младите се ограничени.“ – вели психологот на една скопска гимназија.

Според неа, невладиниот сектор, особено младинските организации делумно ја покриваат оваа потреба преку организирање на работилници, советувалишта или активности во рамки на проекти. Секако ова не е доволно и е концентрирано во поголемите урбани средини.

Не би требало само да го истакнуваме или пак да се прилагодуваме на секојдневните проблеми, туку и да пронајдеме решение. Поради тоа таа ни сподели начин на којшто може да се корегира проблемот:

„Еден од начините е отворање на младински центри во општините во кои би волонтирале студенти или млади психолози, педагози, специјални едукатори, лекари кои би спроведувале програми за ментално здравје наменети за деца, млади, лица со попреченост и други групи на млади“, вели таа.

Надминување на предизвиците со ментално здравје во образованието

Според УНИЦЕФ Македонија спречувањето на предизвиците со менталното здравје бара пристап на целото општество кој се фокусира на превенција, градење отпорност, промовирање на позитивна ментална добросостојба и обезбедување специјализирана поддршка кога е потребно. Ова вклучува обезбедување родителите да имаат пристап до програмите за родителство; училишта опремени да обезбедат безбедна и поттикнувачка средина за учење, како и децата и младите имаат пристап до услуги и поддршка за ментално здравје.

Важно е разгледувањето и на перспективата на ученик и млад човек којшто ги има застапувано учениците од територијата на цела држава.

„Сите сме сведоци дека целиот свет се соочува со криза со менталното здравје, особено кај помладата генерација, па оттука јасно се наметнува потребата од воведување на менталното здравје во образовниот систем. За ова клучна улога ја имаат психолозите, коишто треба да остваруваат тет-а-тет средба со учениците ако ученик/чка тоа го побара“, вели претходниот претседател на сојузот на средношколци, Лука Павичевиќ.

Според него, не треба да заборавиме дека треба да се делува и превентивно, а не само реактивно. Можеби треба да се размисли и психологот да одржува работилници со поединечните класови на важни теми од оваа област. Треба колективно да се потрудиме овие работилници да бидат интерактивни и ефективни, а не само формалност.

„Понатаму, треба да се акцентира и здравствената компонента во предметот Физичко и здравствено образование, имајќи на ум дека многу психијатри човековото здравје го нарекуваат токму психо-физичко“, вели тој.

Зошто, на пример, да не го вметнеме менталното здравје директно во образовниот систем?

Начинот на кој овој  процес би функционирал би бил едноставен, но револуционерен. Најпрво секој клас би можел да има дискусии во круг бидејќи создаваат пријатна атмосфера за сите да се отворени и искрени и да не ја потиснуваат својата анксиозност.

Потоа да имаме период на споделување сопствени приказни и искуства предводени од училишните психолози. На овој начин повторно ќе биде ревитализирана улогата на училишните психолози, коишто не секогаш ја исполнуваат својата примарна функција во училишните контексти поради големиот број административни обврски или пак имаат санкционирачка, наместо превентивна функција.

Овој текст е напишан од младинскиот активист Теодор Митиќ и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

 

 

Поврзани новости