„Граѓаните никогаш немале појасен избор, иако многумина сакаат да нѐ прикажат како исти. Со ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски партнер Левица имаме со сигурност враќање назад и неизвесност. Тоа тие не го ни кријат, тоа тие јавно го кажуваат“ рече премиерот Димитар Ковачевски на традиционалниот народен пикник на Пеленица.
Тој рече дека деновиве сведочиме на очајни обиди за блокада на европските интеграции со референдумот осуден на пропаст и без поддршка ниту од опозициските партии, ниту од самите поддржувачи на Мицкоски.
„Покрај тоа што е антиевропски оваа иницијатива е последната потврда на хипокризијата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Неискреноста, лажниот патриотизам веќе не поминуваат, прочитани се од сите граѓани. Затоа Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против предлогот во Собрание. Затоа најавуваше поништување на територијалната поделба а не го направија тоа. Затоа избегаа од референдумот за Преспанскиот договор. Затоа и поставија прашање за Договор за кој јавно кажаа дека го поддржуваат“ рече Ковачевски.