Со донесеното Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на одржување, заштита и чување на матични книги и документација кое го направи Министерството за правда отсега во изводите од матичните книги има и графа за етничката припадност, односно националност.
Според министерот за правда, Кренар Лога со оваа измена ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ, а за секоја можна злоупотреба на етничката припадност во постапка на вработување по етничкиот балансер ќе може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување.
Но, во оваа промена идеална можност за зголемување на бројот на Бугари во Македонија видоа бугарските здруженија кои ја шират пропагандата во Македонија за „еден народ во две држави“. Здружението „Фондација Македонија“ регистрирано во Бугарија, а кое делува во Македонија сега ја промовира идејата изводот од матична книга на родените во Македонија да може да се искористи како доказ за бугарско потекло со кое ќе може да се извади бугарски пасош.
Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари, порачаа од здружението.
Ако досега македонските граѓани плаќаа на разни посредници за да им извадат некаков документ за бугарско потекло, сега со ваквите најави тие се поттикнуваат да се пишат како Бугари во македонските изводи. Без разлика дали македонскиот извод со декларирана бугарска националност навистина ќе почне да се признава во постапката за вадење бугарски пасош, ваквите најави може да мотивираат дел од Македонците, со надеж за подобар живот во некоја од земјите на ЕУ, да ја сменат својата националност во изводите.
К.С.Б.