Белгиската министерка за енергетика предупредила дека земјите од ЕУ ќе се соочат со пет до десет ужасни зими ако не се преземе ништо за да се замрзне цената на природниот гас, објави “BBC”.
Сè поголеми се повиците за поставување на горна граница на цената на гасот на ниво на ЕУ и одвојување на цената на гасот од цената на електричната енергија.
Државите на ЕУ се борат со големо поскапување на цената на енергијата откако Русија, клучен снабдувач со гас, во февруари изврши инвазија на Украина.
Земјите кои ја поддржуваат Украина настојуваат да ја намалат зависноста од руските гас и нафта, а Русија за возврат го ограничи снабдувањето.
ЕУ минатата година 40 проценти од своите резерви на гас ги увезла од Русија.
Белгиската министерка за енергетика Тине Ван дер Страетен на Твитер објавила дека е потребно итно да се замрзне цената на гасот во Европа, додавајќи дека врската меѓу цената на гасот и струјата е вештачка и треба да се реформира.