Урош Блажевиќ (21), кој синоќа направи масакр во Младеновац, со години наназад се изживувал врз кучињата и мачките на неговите соседи и ги убивал невините животни.
Како што пренесуваат српските медиуми, во разговор со соседите на семејството Блажевиќ, тие откриле дека не разговарале и не комуницирале со семејството на Урош, токму поради тоа што им ги убивал кучињата.
-Ги убиваше кучињата по селото, ние тоа го пријавуваме во полиција, но тој си продолжуваше по старо, ги убиваше животните. Не можевме да поминеме преку тоа негово изживување, па затоа и престанавме да разговараме и да комуницираме со него и со неговото семејство, за Телеграф.рс изјавиле соседи на семејството на убиецот.
Урош синоќа уби осум, а рани 14 луѓе пукајќи од автоматска пушка. Најмладата жртва има само 15 години.
Денес куче, утре човек – е изрека која често може да се слушне. Каков е профилот на оние луѓе кои мачат и убиваат животни, е честа тема на обработка во психологијата и психијатријата.
Злоставувањето на животни е значаен индикатор за психијатриски болести и пореметувања, деликвентно однесување, па и семејно насилство. Според студија на ФБИ, во историјата на сериските убијци, редовно постоеле податоци за злоставување на животни. Оние луѓе кои измачуваат и убиваат животни се склони кон насилство и врз луѓето, наведено е во студијата.
Вики Клинчарова