Битолскиот Широк сокак и оваа година беше сцена на уметничките игри кои се одвиваа во рамки на 14-тото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО. Во недостиг на галерија во Битола уметноста се одигруваше меѓу минувачите и жителите на Битола, кои своеволно прифатија да бидат дел и да учествуваат во перформансите. Оваа година мото на манифестацијата беше брехтовиот афоризам „Прво леб па морал!“, кој ги обедини сите настани кои се одиграа на повеќе сцени во Битола од 29 до 31 август.
Темата за недостаток од галериски простор го отвори фестивалот на 29-ти август во Центарот за култура во Битола, каде беше поставено прашањето „За галерија шо прајме?“.
Актовци ја нагласија потребата од постоење на простор каде визуелните уметности ќе можат институционално да се развиваат. Иако е Битола град со вековна културна традиција, поразителен е фактот што веќе неколку години нема галерија. АКТО потсети дека просторот во Центарот за култура, може повторно да се врати во таа функција, наместо да се употребува за комерцијални цели.
Останува прашањето до кога Битола ќе биде без галерија?
Фестивалот продолжи со перформансот на гркињката со турско потекло, Персефони Мирцу. Нејзината уметност ги истражува темите за односот меѓу две „непријателски“ држави како Турција и Грција, за национализмот, националните идентитети, како и прашањето да се биде туѓинец во својата земја. Овој пат Персефони се осврна и на односите меѓу Северна Македонија и Грција и политичкиот естаблишмент кој ги злоупотребува националните страсти за да создава амбиент на антагонизам и нетрпеливост меѓу народите. Персефони ја нагласи бесмисленоста од националистичките испади во двете земји.
Дека во секој човек тлее потенцијален мигрант ни кажува перформансот на хрватскиот уметник Синиша Лабровиќ, кој почна во Скопје, дел пред официјалното отворање на АКТО. Лабровиќ со транспарент во рака стоеше пред следниве телевизии во Скопје: Сител, Алсат, МТВ и Телма. При тоа обезбедувањето пред Сител и пред МТВ реагираше само затоа што уметникот стоел пред влезот, без притоа да ја прочита неговата порака.
Во Битола Лабровиќ го крена својот транспарент пред телевизија Тера. Неговиот перформанс имаше за цел да укаже на фактот дека сиромаштијата на Балканот ги демне сите, без разлика на нивното образование, нивните таленти и способности. Балканците не сакаат да живеат во мизерија кога на дофат им е идеалот кој е реалност во остатокот од Европа.
„Се викам Синиша Лабровиќ и имам 54 години. Јас сум сиромашен перформер кој неодамна од Хрватска побегна во Берлин“, пишуваше на транспарентот кој Лабровиќ го држеше пред телевизиите.
Тој се обиде да го сврти вниманието на јавноста кон состојбата во која се наоѓаат уметниците на Балканот, нивната финансиска неповолност, живеењето од проект на проект, немањето стабилна плата и неизвесната иднина.
„Ве молам да објавите вест за овој и за сите други перформанси и настани од 14-тото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности. На овој начин покажувате дека уметноста е општествено важна, а тоа би можело да им помогне на моите колеги и колешки достоинствено да живеат и работат во Северна Македонија и да не заминуваат од земјата“, стоеше во апелот на Лабровиќ.
Транспарентот на Лабровиќ беше само увертира во она што следеше на вториот ден од АКТО. Пред споменикот на Стив Наумов во петокот Лабровиќ продолжи да ја пренесува својата порака со перформансот „Ова го правам за вас прекрасни луѓе“. Оваа реченица Лабравоиќ три саати ја повторуваше на Широк сокак и без прекин при што предизвика бурни реакции кај дел од минувачите, кои неколку пати ја исклучуваа струјата, потребна за изведба на делото.
Хртватскиот уметник облечен како политичар кој ги убедува луѓето дека тоа што го прави го прави за нив, можеби не беше сфатен од дел од масата. Но сепак Лабровиќ доби громогласен аплауз по тричасовното повторување на истата реченица.
На овој начин уметникот се обиде да ја демаскира лицемерноста и пропагандата што ја шират десничарските и фашистичките струи. Стравот од мигрантите, вели Лабровиќ, е само посовремена верзија на стравот од странецот, а кој популистичките влади го злоупотребуваат за свои цели. Неговата критика се однесува на модерните диктатори како Орбан, Салвини, Трамп и Берлускони.
Проблемот со миграциските бранови, кој расеа илјадници луѓе на улиците низ светот, го акцентираше и уметницата Тања Остојиќ со перформанс на плоштадот „Магналоја“. Насловен како „Разместени жени “.
Облечена како стјуардеса со два куфери во раце и со високи штикли, Остојќ се шеташе на плоштадот во Битола, по што застана и се соблече во костим за капење. Предизвикувајќи внимание кај минувачите таа го продолжи својот перформанс мачкајќи се со крема за сонце, по што се обиде да влезе во еден од куферите, а публиката и пријде на помош.
Перформансот има за цел да ги позиционира во општеството оние кои се наоѓаат на маргините, кои се заробени помеѓу минатото и иднината, помеѓу бегството и потрагата по нов живот, кои го напуштиле својот дом во надеж дека своите корења ќе ги засадат на друго место. Меѓу нив се мигрантите, бегалците од војни, жртвите на природни катастрофи, но и уметниците кои лутаат низ светот за да заработат од својот талент.
На вториот ден од фестивалот беше изведена претставата „Приказна за окото“ во режија на Мартин Кочовски, а базиран на новелата на францускиот писател Жорж Батај. Претставата беше изведена пред ограничен број на публика од 40-тина посетители иако пробуди голем интерес кај публиката.
Кочовски, познат по својот неконвенционален сценски пристап, овој пат ја покажа на сцена хипокризијата на моралните вредности. Тој го искористи говорот на телото како драмски текст, па актерите повеќе дејствуваа со своите тела отколку што зборуваа. На експлицитен начин, истражувајќи ги границите на пристојното, Кочовски употреби радикален пристап во создавањето на театар со текст кој ги надминува класичните форми. На овој начин тој ја нагласи иронијата на општествените стеги и на моралните норми, кои се етаблирани во општеството, но кои лицемерно се погазуваат зад затворени врати. Оваа претстава беше во копродукција на Кочовски, АКТО и Народен Театар Битола, со што уште еднаш се покажа потенцијалот на продукцијата на уметнички дела на институционалниот и вон-институционалниот сектор во културата.
Тргнувајќи од идејата дека покрај трпезата се водат најотворените и најдемократски дискусии, АКТО ја издигнува оваа техника на ново ниво и го заврши фестивалот преку дебата со полни стомаци. На третиот и последен ден од АКТО се комбинираа вештините на готвење и оние на дебатирањето.
Гурманството и подготвеноста да се пробаат нови вкусови секогаш одело рака под рака со отвореноста кон нови и различни размислувања. Паралелно додека се споделуваа мислења за политиката, општеството и уметноста, пред Центарот за култура во Битола се ширеше миризбата од зготвените тестенини, школки, пилешко месо и салата. „Прво леб па морал“ е името на овогодишната АКТО Агора која ги вкрсти убавите мисли и убавите вкусови. Комбинацијата на „готвачи/ки” во кои учествуваа актери од културната сцена во градот како директорот на Народен театар Битола Иван Јерчиќ потоа диркеторката на Центар за култура Маја Андоновска Илиевски, претставничката на фоднацијата Фридрих Еберт СКопје, Ева Елерет, активистите Ана Виленица од Белград и Тина Тодороска Петреска од фестивалот ДРИМон, сето тоа под модераторство на Милан Живковиќ – Фридрих Еберт, создаде една атмосфера на отворен разговор кој ја мотивираше публиката кон дијалог, размена на идеи, предлози и критики кон моменталните опшетствени ситуации.
Оваа година АКТО традиционално го имаше возот на релација Скопје-Битола, но за првпат на релација Битола Скопје каде битолчани имаа можност да се пријават и бесплатно да патуваат на фестивалот Здраво Млади во МКЦ-Скопје.
АКТО годинава го заживеа, во секоја смисла на зборот, просторот кај железничката станица Магацин. Оваа година во соработка со мезе-бар „Јагода“, АКТО им понуди на битолчани и на посетителите од другите градови автентично место за забава. Бидејќи на ноќниот живот во Битола му недостасува авангардна локација, забавите кај Магацин ги посетија сите љубители на добрата и квалитетна музика.
Младите волонтери на АКТО за прв пат оваа година направија свој проект. Тие ги фотографираа сите слогани/графити напишани на јавните места низ Битола, а кои ги има во изобилие. И пред позитивните и пред негативните оставаа семиња, а публиката ги понесе со себе само оние оставени пред позитивните слогани, како симболично ширење на добриот збор.
На АКТО оваа година беше повторно прикажана дискусијата која што се одржа во 2017 година во паркот пред Офицерскиот дом, а за иднината на овој споменик на културата. Јавноста имаше можност да се потсети што е зборено пред две години и што е ветено за реновирањето на Офицерски дом, но и да ги потсети властите за нивните ветувања.
АКТО и оваа година се одржа во организација на „Факултет за работи што не се учат“ и со поддршка на Министерство за култура, Општина Битола/ Бит фест и Фондација Фридрих Еберт Скопје.