Популарната српска турбо – фолк пејачка Стојанка Новаковиќ, позната на естрадата како Стоја (51), по долга пауза ќе има настап во Македонија. Таа ќе ги забавува гостите во познат хотел во Охрид, за време на забава организирана по повод Денот на жената, празникот Осми Март.
Како што дознаваме, имало голем интерес за настанот, за кој влезниците се продавале по цена од 600 денари, плус пакетите за резервација на маса, кои се движат од 2.500 до 4.500 денари, во зависност од избраниот алкохолен пијалок. Инаку, Стоја е присутна на сцената од 1998 година, а во јавноста неретко раскажуваше за тешкиот живот, кога на 19 години и починал сопругот, а таа со синот останала на улица.
Бидејќи не успеала да заврши ниту основно училиште и не можела да се најде добра работа за да го издржува синот, се свртела кон пеењето. Првиот албум го снимила на 26-годишна возраст, а енергичните настапи на сцената и донесоа препознатливост и популарност. Сега живее со вториот сопруг Игор, кој е архитект, во нејзиното родно место Перлез, во луксузна вила.
Освен гостувањето на Стоја во Охрид за празникот, најавени се голем број на забави со познати музички имиња во локали низ целата земја по повод Денот на жената. Освен вечерни, закажани се и голем број на дневни забави, а актуелни се и туристичките Осмомартовски аранжмани за кои владеел огромен интерес.
Вики Клинчарова