Со торта и свеќа со бројот еден, баник и скара, здружението Цар Борис Трети во чиј склоп во Охрид се отвори истоимениот бугарски клуб, се славела една година од постоењето.
Фотографии од настанот се објавени на страницата на клубот, со порака дека на годишнината присуствувал голем број на членови, но и пријатели на клубот.
-Прослава по повод една година од нашето здружение Цар Борис Трети, со голем број на членови и пријатели, генералниот конзул и дипломати од генералниот конзулат во Битола, со неуморна поддршка од фондацијата Бугарска меморија и Милен Врабевски – наведено е на страницата на клубот.
Помеѓу присутните може да се забележи и охриѓанецот Томе Блажевски, кој е претседател на клубот, но и финансиерот на бугарските клубови во земјава, Милен Врабевски.
Токму Блажевски лани во ноември го регистрираше здружението, и тогаш пошироката јавност за прв пат слушна за него.
Отворањето на клубот Цар Борис Трети во Охрид и Ванчо Михајлов во Битола наиде на остри реакции од македонската јавност, бидејќи клубовите се именувани според контроверзни историски ликови чии имиња се поврзуваат со фашизмот.
Според Законот за здруженија и партии, тие имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар, откако македонското Собрание на 2-ри ноември изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се забранува именување здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.
Вики Клинчарова