Со одличен концерт на популарниот бенд ,,Свежо ампутираната рака на Сатријани”, познат во регинот и по скратеното име С.А.Р.С., синоќа се затвори традиционалната велешка манифестација Питијада.
Љубители на музиката на белградскиот бенд, кој е препознатлив по своите енергични настапи, но и по неверојатната складност и синхронизираност на сцената помеѓу сите седум членови, имаа можност да уживаат во нивниот настап во Велес.
Вокалистот и фронтмен на С.А.Р.С., Жарко Ковачевиќ пред публиката откри дека ова е нивно второ гостување во Велес, но и дека концертот им е славенички, бидејќи одбележуваат полнолетство, односно 18 години на сцената.
Ги изведоа своите култни хитови ,,То раде”, ,,Буѓав лебац”, ,,Клинка,, ,,Перпектива” и други, а за време на ,,Лутка” имаше и голем огномет.
Бендот чија музика е комбинација од рок, хип-хоп и традиционална српска музика, доживеа огромна популарност откако видеото за песната ,,Буѓав лебац” во 2008 година беше објавено на музичкиот канал Јутјуб. Од анонимна група, станаа мега популарни во регионот, и беа прогласени за музичко откритие за 2008 година од страна на ТВ Метрополис.
За името, во постаро интервју раскажаа дека им дошло во момент на инспирација. Имено, членовите на бендот разговарале за светски познатиот гитарист Џо Сатријани, и од каде доаѓала умешноста во свирење на гитара, дали од главата или од механиката и моториката на цела рака. Тогаш, басистот се пошегувал и рекол, ајде да му ја отсечеме раката на Сатријани, па да му ја сошиеме на нашиот гитарист Луковиќ. Така, од еден несериозен разговор, дошле до името ,,Свежо ампутираната рака на Сатријани”.
Инаку, на велешка Питијада, која траеше три дена, настапија повеќе домашни музичари, а од регионалните покрај С.А.Р.С., во саботата концерт одржа и Саша Ковачевиќ.
Настанот привлече многу гости од сите краеви и беше професионално организиран, а посебно се водеше грижа за јавната безбедност.
Пред бината, каде имаше високи маси, имаше поставено столбчиња со заштитни ленти, па така имаше доволно простор за да присутните се забавуваат и беа избегнати турканици, што често се случуваше за време на општински манифестации во други општини, кога не се води грижа колку народ може да собере пред бината.
Имаше бројно полициско обезбедување, како и вработени од јавните претпријатија, кои се грижеа целиот настан да помине во најдобар ред.
Освен со добра музика, гостите уживаа и со традиционалните велешки пити и вина од домашни винарии кои се служеа на поставените маси.
Вики Клинчарова