Хрватската поп ѕвезда Данијела Мартиновиќ изминатиот викенд ја започна сезоната на настапи, како специјална гостинка на свадбена забава во Кавадарци. Фотографии и видео записи од веселбата на отворено, на која пееше педесет-годишната Џебна Венера се споделуваат на социјалните мрежи.
Инаку, ова е нејзино прво доаѓање во земјава по кризата со панедмијата на корона вирус, откако лани во февруари одржа два концерти во МНТ во Скопје. Во 2019 година беше главна гостинка на манифестацијата Пиво фест во Прилеп, а истата година пееше и во Делчево, на манифестацијата Делчевско лето. Пред два месеци таа ја промовираше својата нова песна ,,Љубав не одустаје” за која изјави дека е песна со силна порака, и не е поетски запис, туку вистинит текст со кој ќе го освојува регионот.
Неколку месеци пред тоа пак, регионот го обиколи веста дека по 24 години ја прекинала врската со музичарот Петар Грашо. Околу агендата за настапи во наредниот период, не се објавени официјални податоци на страницата на пејачката, кога и каде ќе настапува, но затоа пак таа денес на своите следбеници им порача дека започнува со подготовки за концерти и постојано е на работни состаноци.
-Напишете ми каде би сакале да го слушате мојот концерт ,,Неописиво” во живо, праша Мартиновиќ, најавувајќи го почетокот на сезоната на настапи.
Вики Клинчарова