Со сто евра едно семејство може да помине цел ден во ски-центарот „Михајлово“ и да ужива во зимски спортови и храна!

by Fokus

Од први јануари започна со работа новиот ски-центар во земјава „Михајлово“, кој се наоѓа на планината Кожуф.

Центарот располага со ски-стаза, ски-лифт и сите неопходни елементи за скијачки центар, а местото е оддалечено околу 38 километри од Кавадарци.

Отворањето на ски-центарот веќе десет дена е вистинска атракција за жителите од Тиквешијата, но и за бројните посетители од други општини кои секојдневно доаѓаат во голем број.

Иако станува збор за скијачка патека која е идеална за почетници и за помалите генерации, сепак „Михајлово“ е локација каде и останатите можат да уживаат во природата и снежните пејзажи.

Засега во центарот работи само еден локал, каде можат да се купат пијалаци и храна, а цените се слични како во повеќето скопски локали.

Кафиња од сто денари, па нагоре, безалкохолни пијалаци и ладни чаеви по сто денари, алкохолни пијалаци од сто до 120 денари, половина литар вино за 220 денари.

Кога е храната во прашање, салатите се движат од 140 до 220 денари, ладните сендвичи и бургери се од 170 до 270 денари, порција скара е од 200 до 270 денари.
За десерт се нудат палачинки и крофни, од 120 до 180 денари.

Дневната карта за ски-лифтот е 500 денари, има ски-опрема за изнајмување, а пак картата за ски-тепихот е 200 денари. Според актуелните цени, едно семејство може да го помине целиот ден во центарот со околу 100 евра.

За да се стигне до центарот од Кавадарци, потребни се околу 40 до 50 минути. Патот е тесен, но сепак е исчистен од снег и лесно прооден, а има и голем број на ознаки, со цел посетителите да патуваат безбедно и лесно да ја најдат дестинацијата.

Присутна е дежурна болничка екипа, има присуство на редари и општинари, и се води грижа за потребите на посетителите.

Додека во зима има снежна покривка и се застапени зимските спортови, на лето е планирано локацијата да се користи за велосипедизам и други рекреативни спортови.

Иницијативата за отворање на „Михајлово“ е на градоначалникот Митко Јанчев, чија семејна компанија „Кожувчанка“ донираше 115.000 евра, а 115.000 се донација од Комерцијална Банка за изградбата на центарот.

Теренските работи се донација од компанијата „ЈА-МИ“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости