Со стихови од големиот хит на Ефто Пупиноски и Блага Петреска, младата фолк пејачка Сања Барби им се обрати на сите кои деновиве и упатиле закани, бидејќи за Денот на независноста на Македонија настапи во Пеленица, на настан организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода.
,,Песната е да се слуша, срце да ти опива, песната е да те гушне, рани да ти измива! Песната е да те роди, да те умре пустата!” –порача Сања, која појаснува дека деновиве е мета на напади, клевети и омраза.
-Познато е дека музиката не познава граници, а не би требало да познава ниту политичка, ниту верска, ниту национална припадност. Музиката е создадена да обединува, да облагородува, да гради мостови! Музиката е јазик кој секој го разбира! 8-ми Септември е празник на сите граѓани! На него се радуваат сите кои копнееле за независна, слободна држава, без разлика на која партија и припаѓаат! Оттука, мојата професионалност ми наложува да одговорам позитивно на укажана чест да пеам токму на овој голем празник! Како уметник, но и како личност никогаш не сум ги делела луѓето по партиска припадност, ниту по било која друга основа. Јас сум уметник кој познава само љубители на македонската музика, на моите песни и сум силен противник музиката, песните, да им ,,припаѓаат” на било која партија! Песната им припаѓа на граѓаните! Но, мора да кажам и дека нема поголемо задоволство за еден пејач, да пее пред публика која го сака и прифаќа. Нема поголемо богатство од таа радост- вели струмичанката, која на настанот гостуваше заедно со нејзините колеги Благоја Грујовски и Сузана Гавазова.
Првично најавените Јордан Митев, Адријана Кеш, Татјана и Новица Василевски, Ефто Пупиноски и Мерак Меана откажаа учество, бидејќи не пееле на настани организирани од политички партии, и кога се согласиле да настапат не знаеле кој организира.
Наспроти нивните тврдења, Благоја Грујовски изјави дека уште на самиот почеток знаел кој организира, но тој е музичар и не му било важно која партија стои зад настанот, кој всушност беше народен собир по повод празникот. И тој, како и Гавазова и Сања се најдоа на мета на напади на наши иселеници во Австралија, кои им порачаа повеќе да не им доаѓаат на турнеји.
Како потсетување, Барби и Грујовски веќе ја договорија нивната новогодишна турнеја во Австралија. -За жал поради мојата професионалност, сум мета на напади, клевети и омраза! Пред тие напади ќе молчам, зошто таквите коментари и повици полни омраза, зборуваат за тие кои ги пишуваат и кажуваат! Јас точно знам која сум! Јас сум естраден уметник кој бескрајно ја сака Македонија, земјата во која сум се родила, растела и во која творам-истакна Сања.
Вики Клинчарова