Македонските и српските власти разговараат за отворање пункт блиску до границата каде што би се ревакцинирале сите македонски државјани кои пред три месеци ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“ во Србија.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска рече дека утрово разговарал со српскиот министер Златибор Лончар и наскоро ќе објават каде ќе биде тој пункт, а меѓу опциите се Врање или Ниш.
Оваа информација ќе биде објавена деновиве имајќи предвид дека ревакцинацијата би требало да биде од 17 до 20 јуни.
За најновото барање на српскиот претседател Александар Вучиќ до владата да се дозволи слободна вакцинација на македонските државјани, Филипче рече дека ова не е направено врз основа на претходен договор, но оцени дека гестот на Србија да ги отвори вратите за вакцинација на нашите државјани, и претходно и сега, е чин на пријателство и заслужува почит.