Џез вокалистот Џон Илија Апелгрин со фотографија на која покажува среден прст го изрази својот револт по повод правилникот според кој естрадните уметници ќе добијат владина помош. Имено, помошта од по 21.776 денари за два месеци ќе ја добијат 730 естрадни уметници погодени од кризата, кои живеат исклучително од музика, додека пак не им следува на музичарите кои се во работен однос.
-Владата донесе одлука да им помогне на уметниците и културните работници. Помошта би требала да е наменета за оние културни работници кои не се вработени во државните институции. До тука е се во ред, но, оние што се самостојни уметници заради остварување на правото на пензија и здравствена заштита мораат да имаат регистрирано ТП фирма, со што не фигурираат како невработени.
Понатаму, се бара да не сме оствареле износ поголем од 80.000 денари од јануари 2020 до август 2020???
Господа од власта, од втората половина на март е забраната за настапи (свирки), од тогаш до септември приходите ни се нула.
Пред тоа сме заработувале за живот како секој друг. Доколку сте пријавувале приход (како мене) и сте плаќале данок, а сте работеле јануари, февруари и март, а потоа државата ви забранила да приходувате, немате право на помош.
Наравоучение, не плаќај данок и државата ќе ти помогне. Благодариме на помошта!
П.С. Оние кои сега се пријавуваат за статус самостоен уметник, со регистрирање на фирмата исто така веројатно ќе отпаднат од помош – реагира Апелгрин.
Фолк пејачката Ирена Спасовска која преку Здружение на естрадни уметници била вклучена во преговорите со власта, околу доделувањето на помош на музичарите, минатата недела за ,,Фокус” појасни дека било договорено сума од 21.776 денари, во рок од два месеци да земаат само оние естрадни уметници кои не се во работен однос.
Тогаш таа појасни дека претседателот на здружението Горјан Стојановски, како и многу други пејачи кои имале други работни ангажмани, покрај музиката, и покрај тоа што не им следувала владината помош со оваа одлука, сепак ја поддржале, бидејќи голем бил бројот на музичари кои се нашле на работ на егзистенцијата изминативе месеци. Порача дека музичарите мора да покажат солидарност, но и да бидат благодарни за она што според можностите на буџетот досега се одвоило за нив.
Вики Клинчарова