На општинската манифестација ,,Питијада 2022” во Велес, која се одржа викендов, биле собрани 3.221 денари од поделбата на питата долга четири метри.
Тоа се средства кои ги донирале граѓаните, а истите биле наменети за хуманитарни цели.
Со собраните околу 50 евра, биле купени прехрамбени производи за четири велешки семејства од социјален ризик, а велешкиот Црвен Крст учествувал дополнително со свои средства во подготвувањето на пакетите.
Истите ги добиле две повозрасни лица, една невработена самохрана мајка и едно семејство со три деца.
Од Црвен Крст Велес известија за настанот и објавија фотографии на својата страница на социјалните мрежи.
Околу тоа што содржат хуманитарните пакети, направени со скромни 50 евра дури за четири семејства, нема информација.
Инаку, манифестацијата годинава се одржа само со македонски музички ѕвезди. За неа општината одвои околу 2,5 милиони денари, и околу еден милион денари биле обезбедени од спонзори, севкупно околу 60.000 евра.
Вики Клинчарова