Со Словачка постигнат компромис за Украина, Орбан не попушта

by Fokus

Лидерите на земјите-членки на ЕУ, кои се собраа денеска на вонреден самит во Брисел, главно се согласуваат околу предлозите за зајакнување на европските одбранбени капацитети, додека договорот на Унгарија за помош на Украина сè уште недостасува.

Самитот би можел да биде пресвртница во создавањето на одбранбена унија, бидејќи станува се појасно дека Европејците не можат да сметаат на САД како гарант за безбедност.

Лидерите имаат на маса предложен план за вооружување на Европа, кој во вторникот го претстави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Според неа, планот може да мобилизира близу 800 милијарди евра за одбрана.

Најголем дел од средствата би се добиле со зголемување на фискалниот простор во буџетите на земјите-членки. Комисијата предлага да им се дозволи на земјите-членки да ги надминат правилата кои предвидуваат дека буџетскиот дефицит не смее да надмине 3 отсто од БДП, доколку овие средства се наменети за одбрана.

Германија оцени дека тоа не е доволно и дека е неопходно дополнително да се релаксираат буџетските правила кога се во прашање трошоците за одбраната. Комисијата предлага формирање посебен финансиски инструмент од 150 милијарди евра заеми на земјите-членки за инвестиции во одбраната. Комисијата ќе го позајми овој износ на финансиските пазари и ќе им одобри заеми на земјите-членки.

Овие средства би биле искористени за финансирање на паневропски проекти кои ќе имаат корист за сите, како што се воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, беспилотни летала со ракети и муниција и системи против беспилотни летала, како и за решавање на други потреби – од сајбер безбедност до воена мобилност.

Има голем број прашања на кои ќе треба да се одговори, а едно е од кого ќе се набавува потребното оружје и опрема, исклучиво од европски производители или надвор од ЕУ. Во текот на изминатите неколку дена, амбасадорите на земјите-членки се обидуваа да се договорат за текстот на заклучоците за Украина кои ја поддржуваат подготвеноста на земјите-членки да обезбедат дополнителна помош за украинските вооружени сили.

Словачка и Унгарија се спротивставија на овие заклучоци. Но, се чини дека е постигнат компромис со Словачка, па нацрт-заклучоците вклучуваат интензивирање на напорите за „изнаоѓање одржливо решение за прашањето за транспорт на гас“. Украина од почетокот на оваа година не дозволува пренесување на руски гас преку нејзина територија.

Од друга страна, нема индиции дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе попушти.

„Иако можеби не се согласуваме за модалитетите на мирот, се согласуваме дека мора да ги зајакнеме одбранбените способности на европските нации и овие напори треба да ги зајакнат земјите-членки, а не бриселските бирократи“, рече Орбан пред пристигнувањето на самитот во Брисел.

Пред неколку дена Орбан му напиша писмо на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, барајќи да се напуштат заклучоците за Украина и ЕУ да воспостави директни контакти со Русија, како американскиот претседател Доналд Трамп. Дискусијата за заклучоците за Украина ќе следи откако ќе заврши дискусијата за зајакнување на одбраната.

Со оглед на тоа што е тешко да се очекува унгарскиот премиер Виктор Орбан да попушти, според дипломатски извори сега се разгледуваат две опции. Првиот е да се објават заклучоците во кои во фуснота би се навело дека Унгарија не се согласува, а второто е претседателот на Европскиот совет да ја објави својата изјава во која ќе се наведе дека ја поддржуваат 26 земји-членки.

Поврзани новости