Со сите расположливи ресурси 12 дена се трага по Миле!

by Fokus

Не запира потрагата по исчезнатото момче од Неготино, 28-годишниот Миле Тодоров, кој последен пат бил забележан на 30-ти јануари наутро.
Од СВР Велес за ,,Фокус” информираат дека масовно се бара младиот човек, со сите расположливи ресурси. Истото го потврдува и неговото семејство, кое речиси две недели живее во неизвесност.

-Бројни екипи се вклучени, се трага по брат ми, се дава максимум, но за жал, нема никаков нов траг. Не ни преостанува ништо друго, туку да се надеваме на најдоброто, дека ќе биде пронајден жив и здрав, а дотогаш, да апелираме преку медиумите, да се објавува неговата слика, да не падне случајот во заборав.

Ние, како семејство, се наоѓаме во незавидна ситуација, секоја измината секунда без новости ни е тешка. Читав во некои медиуми вести за лица кои биле исчезнати, па по некое време се вратиле дома, се молиме таков да биде случајот и со Миле, да ни се врати…

Благодарни сме на сите вклучени во потрагата, но и на јавноста, до која апелираме да ја споделува неговата фотографија, да му го запамти ликот целата јавност, во случај некој некаде да го забележи, раскажува Марија, сестрата на Миле.

Утрото кога исчезнал, тој првин дал оставка во компанијата каде работел, во Кавадарци. За оставката, на семејството претходно ништо не му најавил, но се случувало во минати разговори да каже дека доколку некогаш добие понуда за подобра работа, ќе ја прифател. Конкретно сега, фамилијата немала информација дека евентуално барал нова работа, или пак дали евентуално добил понуда за друга работа.

Се апелира до јавноста, доколку некој има било каква информација за случајот, да пријави во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости