Премиерот Димитар Ковачевски денеска преку својот фејсбук профил соопшти дека се работи на ребалансот на Буџетот со кој ќе бидат, како што наведува, дополнително скратени уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци.
Се разгледуваат, според премиерот, и сите опции за покривање на дефицитот.
-Во моментов работиме на ребаланс на Буџетот, кој ќе опфати дополнително кратење на уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. Се разгледуваат и сите опции за покривање на дефицитот, сите разговори коишто се водат сè со цел да се обезбедат финансиски средства со најниска можна цена на капиталот на пазарот во овие услови, напиша Ковачевски.
Ребалансот на Буџетот, како што изјави Ковачевски пред неколку дена, ќе биде поднесен во Собранието најверојатно до крајот на овој месец.