Сo пропаганда не се зголемува производството на житни култури

by Фокус 12:24
12:24

Пишува
д-р Самоил Малчески

Како што вели поговорката: Ниедна беља не оди сама!, така деновиве нашиот осиромашен и би рекол сериозно загрижен за својата иднина народ, покрај драконските казни кои се изрекуваат за сè и сешто, квазиреформите во образованието и слично, го снајде уште една несреќа, а тоа се поплавите кои во битолскиот дел од Пелагонија, и не само таму, имаат катастрофални размери.

- Advertisements -

Без да навлегувам во тоа дали врнежите и топењето на снегот се единствена причина за оваа катастрофа, или пак поголема причина е во негрижата за мелиоративниот систем во државава, сепак ќе забележам дека веќе подолг временски период, а особено последниве десетина години, во пелагонскиот регион скоро и да не се врши редовно одржување на одводните канали.

Јасно, во одржување не може да се сметаат повремените акции, на кои може да се забележи интензивното присуство на реформаторите и кои би рекол дека повеќе се во функција на нивната лична промоција и евтината пропаганда од типот добро е кога има кој да ти помогне, отколку од вистинската намера нешто осмислено и вредно да се направи.

Но дали поплавите се причина за намаленото производство на пченица?

Сериозен пад на производството на жито  

Повеќе од сигурно дека последиците од поплавите ќе бидат катастрофални и дека истите посебно ќе се одразат на производството на пченица. Меѓутоа, мене ме загрижува фактот што деновиве, додуша срамежливо, определени квазианалитичари, квазиексперти и квазиновинари веќе најавуваат намалување на родот на пченица, кој изнесува околу 3.000 kg/ha, од најмалку 40%, при што како главна причина се наведуваат токму поплавите.

Но, дали е ова баш вистината која подолг временски период се крие од јавноста? За да не наликуваме на евтина пропагандна машинерија, на која манипулациите и се главно оружје да видиме што говорат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во табела 1 се дадени податоците за производството на пченица во периодот од 1999 до 2013. Како што може да се види, во разгледуваниот период имаме тенденција на намалување на ожнеаните површини засеани под пченица, што сли­ковито е прикажано на графиконот 1.

Притоа, во пе­риодот од 1999-2002 година просечно се ожнеани 112.915 хектари, во пери­одот 2003-2006 година просечно 102.648 хектари и во периодот 2007-2013 просекот е 83.077 хектари. Тоа значи дека во периодот од 1999-2002 година просечно се ожнеани 35,35% повеќе површини отколку во периодот од 2007-2013 година и во пе­ри­одот од 2003-2006 го­дина просечно се ожне­а­ни 23,56% повеќе површини отколку во перио­дот од 2006-2013 го­дина.

Јасно, ваквата со­стојба непосредно се од­разува на производството на пченица, па така исто­то од 319.419 то­ни во 1999 година опаднало на 214.963 тони во 2012 година, што претставува намалување за неверојат­ни 48,59%, за да во 2013 година изнесува 258.960 тони, што е за 23,35% помалку отколку во 1999 година.

Иако тен­денцијата е очигледна сепак да забележиме дека во периодот 1999-2002 година про­сечното производство на пченица изнесувало 282.986 тони, во периодот 2003-2006 година про­сечното произ­водство е 302.333 тони и во периодот 2007-2013 година тоа е 250.582 тони. Тоа значи дека од 2007-2013 година во споредба со 1999-2002 година просечното производство се намалило за 32.404 тони, т.е. за 11,45%, а додека во споредба со периодот 2003-2006 година намалувањето на просечното производство изнесува 51.751 тони, односно 17,12%.

Табела 1. Површина и производство на пченица и пченка

Година

Пченица

Пченка

ожнеани ha

вк. во t

kg по ha

ожнеани ha

вк. во t

kg по ha

1999

113972

319419

2803

39229

160550

4093

2000

121103

299356

2472

37075

125383

3382

2001

115504

246208

2132

32857

117070

3563

2002

101081

266961

2641

34113

140694

4124

2003

103447

225300

2177

33690

136492

4051

2004

101321

356825

3522

32508

141875

4364

2005

108367

333880

3081

33008

148234

4491

2006

97458

293326

3010

31724

147494

4649

2007

90800

218076

2402

30859

118378

3836

2008

85454

291719

3414

31013

127125

4099

2009

88151

271117

3076

32466

154237

4751

2010

79865

243137

3044

28623

129045

4508

2011

76545

256103

3346

29369

126096

4294

2012

79745

214963

2696

29180

115928

3973

2013

80980

258960

3198

31028

131043

4223

Извор. Статистички годишник на РМ 2000-2014, Државен завод за статистика

Malcheski 01

Покрај ожнеана­та површина и вкупното производство важен па­раме­тар за согледување на состојбите е и оства­ре­ното просечно производство по единици површина. Од податоците дадени во табела 1 мо­же да се види дека кај про­сечно остварени­от при­нос имаме нестандардни колебања, па затоа ќе ги разгледаме просечните приноси за разгледуваните периоди. Така, во периодот од 1999-2002 година про­сеч­ниот принос е 2.512 kg по ha, во периодот од 2003-2006 година тој изнесува 2.947 kg по и во периодот од 2007-2013 година просечно остварениот принос изнесува 3.025 kg по ha и незначителното зголемување од 2,65% не може да се толкува како резултат на осмислена аграрна политика, туку пред се може да се смета дека е ре­зултат на поволните метереолошки услови, кои за жал во моментов се крајно неповолни.

Од податоците во табела 1 може да се види дека во периодот од 1999-2013 година, со евидентни осцилации, имаме рапид­но нама­лување на ожнеаните повр­шини засеани со пченка и тоа од 39.229 хек­тари во 1999 на 31028 хек­тари во 2013 година, што претста­ву­ва на­малување за цели 26,43%. Што ова значи нема посебно да комен­тираме, бидејќи графичкиот приказ во графиконот 2 го­вори сам за себе, но ќе забеле­жиме дека годишниот просек на ожнеана по­вршина во периодот од 1999-2002 година изнесува 35.818 хектари, за да истиот во периодот од 2003-2006 година се намали на 32.732 хек­тари, а во периодот од 2007-2013 година изнесува са­мо 30.362 хектари.

Malcheski 02Нор­мално, ваквата состојба со ожнеаните хектари непосредно се одразува на годиш­ното про­извод­ство на пченка. Од податоци­те во та­бела 1 може да се види дека во периодот од 2003-2006 година просеч­ното годишно производство на пченка е најви­соко и тоа изнесувало 143.524 то­ни, а најмало е во периодот од 2007-2013 година кога просечно се произве­ду­вало 128.836 тони, што значи 11,40% помалку во споредба со периодот 2003-2006 го­дина.

Како и во слу­ча­јот со пченицата, така и овде за да добиеме по­до­бра слика за производството на пченка во пери­одот 1999-2013 година ќе ги разгледаме про­сеч­ните приноси по хектар. Од податоците во табела 1 лесно се пресметува дека истите се највисоки во пе­риодот 2003-2006 годи­на и тие изне­су­ва­ат 4.389 kg по ha, додека во пе­ри­одот од 2007-2013 година изне­суваат 4.240 kg по ha, од­носно 149 kg по ha, што значи дека се пониски за 3,51% во споредба со пе­риодот 2003-2006 година, што не мо­же да се толкува како резултат на осми­сле­на аграрна политика, туку пред се може да се смета дека е резултат на метере­олошките услови.

Табела 2. Површина и производство на јачмен и ‘рж

Година

Јачмен

‘Рж

ожнеани

ha

вк. во t

kg по ha

ожнеани ha

вк. во t

kg по ha

1999

50289

126574

2517

6453

10594

1642

2000

49765

110145

2213

5816

8211

1412

2001

49334

91534

1855

5406

9455

1749

2002

48368

128560

2658

3937

7123

1809

2003

46540

83244

1789

4436

6057

1365

2004

44739

148892

3328

4476

10273

2295

2005

50341

136891

2719

4715

9451

2005

2006

47881

135053

2821

3928

8613

2193

2007

47767

106635

2232

4036

6735

1669

2008

47351

162779

3438

3923

9912

2527

2009

48622

146372

3010

3701

9089

2456

2010

42802

126315

2951

3590

8850

2465

2011

41096

129509

3151

3510

8297

2364

2012

41057

90384

2201

3767

7288

1935

2013

41944

125565

2994

3758

8898

2368

Извор. Статистички годишник на РМ 2000-2014, Државен завод за статистика

Во табела 2 се прикажани податоците за производство на јачмен и ‘рж за пе­ри­одот од 1999-2012 година. На графиконот 3 е дадена проме­на­та на засеаните повр­ши­ни под јачмен во раз­гле­ду­ва­ниот период и ка­ко што мо­же да се види имаме драстично намалу­вање во 2013 година во спо­редба со 1999 година, кое намалување е за 19,90%. Сепак, пореална сли­ка за промените на овој пока­зател може да се добие ако се разгледа просеч­но­то произ­водство во разгледуваните периоди. Како што може да се ви­ди, во периодот од 1999-2002 година просечно се ожнеани 49.439 хектари засеани под јач­мен, во перидот 2003-2006 годи­на овој просек изнесува 47.375 хекта­ри, за истиот се намали на 44.377 хектари во периодот од 2007-2013 година или за 11,41% во споредба со пе­риодот 1999-2002 го­дина и за 6,76% во спо­редба со периодот 2002-2006 го­дина. Јасно, ваквите про­мени во ожнеаните површини непосредно се одразуваат на вкупното производ­ство, па така во периодот од 1999-2002 година има­ме про­сечно годишно про­из­водство од 114.203 то­ни јачмен, за да во пе­ри­одот од 2002-2006 година истото изнесува 126.020 тони јачмен, а во пери­о­дот од 2007-2013 година тоа изнесува 126.794 то­ни.

Malcheski 03

На прв поглед изгледа дека претходниот заклучок е погрешен, ме­ѓутоа ако се анализира просечното про­из­водство по единица производ ост­ва­рено во разгледуваните периоди и ако се земе пред­вид дека во 2003, 2007 и 2012 имаме исклучително ниско производство по еди­ница по­врши­на, а во 2004 и од 2008-2011 и 2013 година овој просек е значително по­висок и ако се земе предвид дека во годините кога просекот е низок, за пе­риодите кои се значајни за вегетацијата на јачменот, имаме неповолен распоред на врнежите по месеци, а во периодите кога просекот е висок имаме исклу­чително поволен распоред на врнежите по месеци, тогаш е јасно дека на просечно остварените приноси по единица површина и на вкупното производство на јачмен огромно влија­ние имале токму хидрометере­олошките услови. Сепак, заради целовитост на излагањата да спо­ме­неме дека од 1999-2002 година е остварено просечно годишно произ­вод­ство од 2.311 kg по ha, од 2003-2006 година – 2.664 kg по ha и во периодот од 2007-2013 година – 2.854 kg по ha.

Што се однесува до производството на ‘рж, од податоците во табела 2 мо­же да се ви­ди дека ожнеаните повр­шини се намaлиле од 6453 хектари во 1999 година на 3758 хектари во 2013 го­дина или за 41,76% (графикон 4), при вкуп­ното производство во 2013 го­дина се намалило за 16,01%,. ­Но, за добиеме пореална сли­ка ќе ги споредиме про­сечно ожнеа­ните површини, кои за периодот 1999-2002 година изнесуваат 5.403 хектари, за периодот 2003-2006 година – 4389 хектари и за периодот 2007-2013 година 3.755 хектари, што значи дека намалувањето во периодот 2007-2012 година во споредба со пе­ри­одот 1999-2002 година изнесува 30,51%, а во споредба со периодот 2002-2006 година изнесува 14,45%.

Понатаму, движењето на вкупното производство е дадено во табела 2. Како што може да се види истото е доста променливо, па за да ја согледаме тенден­цијата ќе го пресметаме просечното производство за разгледуваните пери­оди. Така, во периодот од 1999-2002 година тоа изнесува 8.846 тони, во периодот 2003-2006 година е 8.599 тони и во периодот 2007-2013 година е 8.438 тони. Како што може да се види и овде имаме блага тенденција на намалување на вкупното про­изводство иако засеаните површини бележат рапидно намалување. Без да на­влегуваме во детали, само ќе забележиме дека и кај ‘ржта, слично како и кај јач­ме­нот ваквата состојба меѓу другото најверојатно се должи на по­волните хидро­ме­тереолошки услови во пе­риодот на вегетацијата на ‘ржта, на што укажуваат и фак­тот дека во пери­о­дите 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2013 година се ост­варени про­сеч­ни при­носи од 1.653 kg по ha, 1965 kg по ha и 2.254 kg по ha, соодветно, а про­сеч­ните годишни приноси се мали во истите години како и кај јачменот.

Malcheski 04

На крајот од овој дел, се со цел да се одбегнат можните шпекулации околу вкупното производство на жито, само ќе забележиме дека во разгледуваниот период од 1999-2002 година просеч­но­то годишно производство на жито изнесувало 558.083 то­ни, за да истото во периодот од 2003-2006 година се зго­леми на 597467 тони, а потоа во периодот од 2007-2013 година опадне на 541.676 тони. Според тоа, во периодот од 2003-2006 година годишно се произведувале просечно 55.791 тон жито повеќе от­кол­ку во периодот од 2007-2013 година. Ваквата состојба резултира не само со зголемен увоз на жито, туку и со зголемен увоз на добиточна храна, состојба која е неодр­ж­лива на подолг времен­ски период.

За планираното и реализираното

Имајќи го предвид претходно изнесеното логично е да се запрашаме како е дојдено до ваквата ситуација, особено ако се има предвид драстичното зголемување на директните плаќања во земјоделството, голем дел од кои се однесуваат токму на производството на жито. Последното е особено важно, бидејќи сме сведоци на континуирана пропаганда, во која се воздигнуваат успесите во земјоделството и која има за цел да покаже дека конечно имаме планирање на земјоделското производство и мерки кои имаат за цел успешно реализирање на зацртаните политики. Но, дали е тоа така? Се чини дека не! Од каде ваквата констатација?

Одговорот на претходните прашања се наоѓа токму во владините документи. Имено, со донесување на Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој, направена е  проекција на производството на пченица и пченка во периодот 2007-2013 година, табела 3.

Табела 3. Проекција на производството на пченица и пченка во периодот од 2007-2013 година

Пченица

Пченка

Година

Хектари

Вк. произ.

Kg/ha

Хектари

Вк. произ.

Kg/ha

2007

108881

334265

3070

33578

148079

4410

2008

109425

351053

3200

33578

152521

4500

2009

109973

368685

3400

33578

157097

4700

2010

110522

387202

3500

33578

161810

4800

2011

111075

406649

3700

33578

166664

5000

2012

111630

427073

3800

33578

171664

5100

2013

112189

448523

4000

33578

176814

5300

Извор. Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот од 2007-13 година

Од податоците во табела 3 може да се види, во периодот од 2007-2013 година предвидено е просечното годишно да се засејуваат по 110.527 хектари пченица, од кои при просечен принос од 3.524 kg/ha требало да се остварува просечно годишно производство од 389.064 тони пченица. Меѓутоа, во разгледуваниот период просечно биле ожнеани по 830.77 хектари, што не само што е драстично намалување во однос на претходните периоди, туку е за цели 33,04% помалку од проектираното.Malcheski 05Притоа, просечното остварено производство во периодот изнесува 249.186 тони пченица, што значи дека во однос на проекти­раното производство е помало за неверојатни 55,26%, што се должи не само на намалените површини, туку и на нере­ал­ното планирање на приносот по хектар, кој во разгледу­ва­ниот период изнесува 3025 kg/ha, што е за 16,50% помалку од проектираниот, а само во 2013 остварениот принос по хектар е помал за дури 25,08%. На графиконите 5 и 6 е даден визуелен приказ за отстапувањата од планираното во Стратегијата и оствареното во периодот од 2007-2013 година.

Што се однесува до пченката, од податоците во табела 3 може да се види дека во периодот од 2007-2013 година, како резултат на ЗПМ таа требало секоја година да биде застапена на 33578 хектари, при што просечното годишно производ­ство требало да изнесува 162093 тони, со просечно остварен принос од 4830 kg/ha. Маѓутоа, од податоците во табела 3 може да се види дека во периодот пченката просечно била застапена на 30363 хектари, при што е остварено просечно годишно производство од 128836 тони, а просечниот принос изнесувал 4241 kg/ha.Malcheski 06Според тоа, во разгледуваниот период просечно имаме 10,59% помалку површини засеани со пченка, од проектираното, а додека просечното годишно производ­ство е помало за 25,81% во однос на планираното, што е резултат и на нереалното планирање на приносите по единица површина кои се во просек за 13,89% помали од остварените. На графиконите 7 и 8 е даден визуелен приказ за от­стапувањата од планираното во Стратегијата и оствареното во периодот од 2007-2013 година.Malcheski 07Што се однесува до останатите житни култури, може да се каже дека освен кај оризот, директните плаќања немаат забеле­жителен ефект, па оттука е јасно дека мерките кои се преземени согласно Стратегијата во делот на житните расте­нија не ги дале очекуваните резултати, односно дека во овој сег­мент ЗПМ може да се оцени како неуспешна, или што би рекол нашиот народ планираното и оствареното се сведува на онаа народната “Месо гледа, компир вади!”

Негативни финансиски ефекти на аграрната политика на реформаторите

Веќе видовме дека про­изводството на жито бележи постојано на­малување и оп­ш­то е познато дека Македонија увезува жито и брашно. Меѓутоа, за сликата да биде целосна добро е да се погледнат податоците за извозот и увозот на житарици и преработки од жито во разгледуваниот период. Јасно, притоа како извор ќе го користиме Статистичкиот годишник на Р. Македонија, кој го публикува ДЗС, бидејќи барем досега оваа институција публикува податоци кои не се обземени од интензивната пропаганда, па со самото тоа и даваат реална слика на случувањата, за разлика од искривената слика која во континуите ја протажираат реформаторите и ним послушните квазиексперти, квазинтелектуалци и квазиновинари.Malcheski 08Во табела 4 се дадени податоците за извозот и увозот на житарици и преработки од жито во разгледуваниот период.

Табела 4. Извоз и увоз на житарици и преработки од жито во илјади САД долари

Година

1999

2000

2001

2002

2003

2004

2005

Извоз

7519

4658

4051

4179

7166

10907

16295

Увоз

31717

40605

31292

45700

46626

66799

51251

Стоков сектор

Година

2006

2007

2008

2009

2010

2011

2012

20131)

Извоз

20506

30257

41150

42888

48117

60187

58943

67396

Увоз

42215

97070

116737

81171

79289

104037

116687

97522

Извор. Статистички годишник на Република Македонија 2000-2014 година
1)   За 2013 година земени се претходни податоци

Од податоците лесно може да се заклучи дека во перио­дите од 1999-2002, 2003-2006 и 2007-2012 година во сто­ковиот сектор жита­рици и преработки од жито покри­еноста на увозот со извозот из­несувала 13,67%, 26,52% и 50,39%, што со оглед на драстичното намалување на производството на жито, веројатно се должи на прехранбената индустрија. Меѓутоа, иако овие проценти некој може да ги толкува како позитивен тренд, што често пати се обидуваат да го прават некои министри, а особено веќе споменатите квазиексперти и квазианалитичари, сепак пред било што да се каже, добро е да се забележи дека трговскиот дефицит, изразен во апсолутни показатели, е во постојан пораст.Malcheski 09Така, од податоците во табела 4, но и од графиконот 9 може да се види дека тр­говскиот дефицит во овој стоков сек­тор иако е доста променлив, се­пак бележи постојан пораст. Имено, и покрај по­зитивната тенденција на по­криеноста на увозот со извоз, можеме да забележиме дека во перио­дот од 1999-2002 годи­на просеч­ниот тр­говски дефицит во стоковиот сектор житарици и преработки од жито изнесувал 32227000 САД до­лари, за да истиот по­расне во перидот од 2003-2006 година на 38.004.000 САД до­лари и во перидот од 2007-2013 го­дина да изнесува 49083000 САД до­лари.

Според тоа, просечниот трговски дефицит во периодот 2007-2013 година во однос на периодот 2003-2006 година е поголем за 29,15%, а во однос на периодот 1999-2002 година тој е поголем за фрапантни 52,30%, податок кој само ја надополнува сликата за погубната аграрна политика која интензивно ја реализираат реформаторите.

Ревидирање на аграрната политика или…

Од погоре изнесеното, може да се заклучи дека податоците во секторот житарици и преработки од жито не одат во прилог на континуираните реклами за наводните успеси во земјоделското производство. Имено, тие го говорат токму спротивното. Природно, при вакви показатели одамна требало да се пристапи кон преиспитување на политиките кои се спроведуваат, но мислам дека тоа не може да се очекува од реформаторите.

Лично, сметам дека во својот занес тие ќе ги интензивираат евтините пропаганди и ќе се оглушат на фактите, иако тоа ниту боговите, ниту ѓаволот тоа го прави, бидејќи пред фактите боговите молчат, а ѓаволот ја симнува шапката.

Притоа, имајќи го досегашното искуство може да се очекува дека во блиска иднина дежурниот експерт за избори, филм, пошти, образование, пучови, радио емисии и што уште не, ќе формира инстант здружение за спас на житото и житните култури. Јасно, треба да се очекува на ова здружение спонтано да се приклучат и други квазиексперти и квазиинтелектуалци, при што во реализирањето на ефтината политичка пропаганда ќе добијат огромна медиумска поддршка од квазиновинарите.

Тоа е тоа, но да надеваме дека за доброто на Македонија и на нејзините граѓани, суровата вистина ќе ги разбуди реформаторите од нивниот сон и дека ќе се зафатат со решавање на вистинските проблеми на граѓаните.

Поврзани новости