За да се дојде до потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, политичарите треба да се осврнат на креативни решенија, а еден таков пример е враќањето на дебатата за промена на државниот грб според предлогот од 2014 година, смета универзитетскиот професор по политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски.
-Можеби треба да се антиципираат овие стравови на поголемиот дел на граѓаните кои опонираат на уставните измени и да се размислува креативно во оваа насока. Да се најдат решенија кои ќе овозможат поголема нивна идентификација во рамки на Уставот или во рамките на уставноправниот, на политичкиот систем на Република Македонија. Во минатото имаше такви заложби на дел од опозициските партии.
Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени, изјави Спасеновски во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител.
Тој вели дека според моменталното расположение за уставните измени, веројатно поблиску сме до избори, но сепак смета дека има време за да се најде креативно решение.