Со прикажување на Домаќинство за почетници, синоќа почна фестивалот на филмска камера Браќа Манаки

by Fokus

Многубројни гости со силен аплауз го поздравија македонскиот филм Домаќинство за почетници на режисерот Горан Столевски, по светската премиера на Фестивалот во Венеција, со кој вчеравечер во Центарот за култура во Битола беше отворен 44. Интернационален фестивал на филмска камера Браќа Манаки. Фестивалот годинава се одвива под мотото, Прекрасното непознато.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченоста пред проекцијата на филмот им пожела добрeдојде на гостите во Битола и рече дека во градот во чест на Браќата на светлината, Јанаки и Милтон Манаки, достоинствено и достојно ја чествува магијата на филмската камера.

− Овој фестивал, кој ги негува вредностите на врвната визуелна уметност, е и чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки, за кои дотогаш непознатото било голем предизвик. Тој предизвик нè донесе до Прекрасното непознато. Затоа, и вечерва, и тука, со нескриено задоволство сакам да нагласам дека збирката на движното културно наследство ФОНД 580 Браќа Манаки 1853 – 1964, која се наоѓа во битолското одделение на Државниот архив, ја прогласивме за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење – истакна Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека збирката од над илјада и двесте артефакти е оригинално сведоштво за едно бурно време на Балканот и своевиден ракопис од европска важност.

Костадиновска-Стојчевска му ја врачи наградата на оскаровецот Питер Бижу, кој е годинашен добитник на Златна камера 300 за животен опус, честитајќи им ги признанијата на сите годинашни носители на награди.

На 44. фестивалско издание што се одржува од 23 до 29 септември ќе се прикажат 79 филмови, а од странство пристигнуваат 350 гости, за кои е подготвена дополнителна програма во која се содржани работилници, изложби, кабаре и многу дружење во Битола.

 

фото.МИА

Поврзани новости