Отворена е истрага против 40-годишниот кумановец со иницијали С.Ј. кој управувал со „мерцедесот“ на 21-ви месецов, при што предизвика две сообраќајни несреќи на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во кои загина 37-годишен полициски службеник, а четири лица беа повредени.
С.Ј. се товари за ешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300, како и – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од Кривичниот законик.
„На 21.04.2019 година, на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, патничко моторно возило управувано од осомничениот удрило во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите на лице место еден од полициските службеници починал, а другиот се здобил со телесни повреди. Возачот потоа продолжувајќи со управувањето со возилото удрил во друго патничко моторно возило во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и осомничениот се здобил со телесни повреди“, велат од Обвинителство.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, додаваат од таму, надлежниот јавен обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово достави и Предлог за определување мерка притвор за осомничениот.