Со претседателот, Стево Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и имаме ист став за македонските идентитески прашања, пишува премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил по годишното обраќање на Пендаровски во Собранието.
-Придонесот што претседателот Пендаровски го даде од аспект на борбата со коронавирусот и во период кога немавме функционално Собрание, го премости периодот до изборот на новата Влада, со што се создадоа и сите предуслови за решителен институционален одговор на здравствено-социјалната и економската криза. Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија, наведува Заев.
Тој додава дека од обраќањето на претседателот на државата е јасно дека делат заеднички став и едногласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци, нема преговори.