Со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во суштина имаме исти ставов во однос на прашањето која пруга е поприоритетна за државата, дали таа на Коридорот 8 или таа на Коридорот 10, но со различна терминологија, тврди министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Целта на Владата, според Димитиреска-Кочоска, е да им се помогне на компаниите кои превезуваат стока по Коридорот 10 и да им се намалат трошоците за транспорт.
-Ставовите се исти, прашање е само кој во моментот ги коментира и со кој речник. Суштината е дека ние бараме средствата како што биле одобрени за коридор 8 да бидат исто за коридор 10. Дали ќе ги крстиме пренамена во терминологијата којашто ја употребуваме или ќе одиме со нова апликација е ирелеватно. Зборуваме различно бидејќи јас сум економист, премиерот ни е машински инженер, министерот за транспорт е правник и сега треба да ја гледаме суштината, таа е најбитна. Суштината е таа, дека ги бараме истите услови и грант и средства итн. како што ги имаме добиено за коридорот 8, изјави министерката за финансии.