Околу осум месеци наназад во етерот зрачи Вистел – Вистинска телевизија, зад која стои фирмата ,,Преобразба ДООЕЛ Скопје”, чиј пак основач е Петар Каровски, односно владиката Петар.
Пред стартувањето на неговата телевизија, тој за ,,Фокус” изјави дека ќе се емитува програма која ќе биде поразлична од онаа на другите телевизии, дека нема никого да копира, туку другите ќе ги копирале неговите содржини.
До денес, на официјалната страница на телевизијата на Фејсбук има само 1.200 допаѓања и 1.600 следбеници, а се емитуваат вести од Македонија, од светот, спортски вести, прилози за авантуризам, образование…
Од неодамна е актуелна и естрадната емисија ,,Сврти на игра” чија водителка е Николина Славковска, позната како Нина Ред, која во минатото беше водителка во естрадниот магазин ,,Бекстејџ”, а потоа краток период и во емизијата ,,Ексклузив” на 1ТВ, сега веќе згаснатата телевизија на Бојан Јовановски.
Станува збор за емисија која покрива теми од домашната естрада, а во која освен водителката, не се појавуваат останати соговорници. На каналот Јутјуб пак, каде се прикачуваат изданијата на емисијата ,,Сврти на игра” може да се забележи дека тие се прегледани едвај по 20, 30 или пак по 60 пати.
Сличен е бројот на прегледи и на останати прилози на телевизијата кои се објавени на нејзиниот Јутјуб канал, каде ретко која содржина е прегледана повеќе од сто пати.
Впечатливо за телевизијата на владиката е и тоа што на официјалната страница како единствен вработен уште од самиот почеток фигурира Благој Шаклевски, поранешен советник и потпарол на Општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ Битола. Детали за други вработени лица се уште нема.
Исто така, се уште нема ниту активна маркетинг служба, ниту ценовник за овие кои евентуално би сакале да се рекламираат на телевизијата.
Како се финансира Вистел, останува непознато, а уште пред отворањето на телевизијата владиката Петар ни изјави дека нема што да појаснува во тој дел, најважно било што се се одвивало според закон.
Вики Клинчарова