За околу еден месец, со помош на хуманите граѓани кои донираа, собрани се потребните средства за лекување на малиот Ѓорѓи Трајков од Струмица. Три и пол – годишното момче, чија мајка Зорица ден пред новата година за ,,Фокус” раскажа со што се соочуваат поради неговата состојба, ја разбуди хуманоста на народот.
Имено, тој е роден со церебрална парализа и веќе добар дел од животот поминал на клиника, на разни терапии и операција која ќе му помогне да ги направи првите самостојни чекори. Сепак, и покрај извршената операција за отстранување на спазмите, која била изведена на клиника во Турција, потребна му била соодветна физикална терапија, која исто така се врши на клиника во Истанбул, а со цел да се подобрат неговите движења и да може да има што е можно посамостоен живот.
За потребната терапија семејството бараше 4.000 евра, а сумата се собра за неколку недели. Освен граѓаните кои што донираа на телефонските броеви за донации, многу хуманисти одржаа и разни настани во Струмица, со цел да помогнат во собирањето на финансиите.
-Напредокот на нашето дете зависи од хуманоста на народот и тешко ни е што сме принудени да бараме помош, но со една плата тешко се живее. Најголемата желба на Ѓорѓи е да игра фудбал, со милост ги гледа другите деца како играат, а бидејќи не може да оди, јас го придржувам со рацете додека тој со нозете се подава кон топката. Верувам дека со соодветната терапија ќе дојдат и резултатите, дека Ѓорѓи еден ден ќе може самостојно да се движи, па и да заигра фудбал – ни изјави неодамна мајката. Телефонските броеви за донации за Ѓорѓи веќе не се активни. Родителите информираат дека е собрана потребната сума за лекување и како наскоро ќе заминат на клиника во Турција. Се заблагодарија на јавноста за несебичната помош и за дадената можност да се подобри состојбата на нивното дете.