Со половина милион вакцини „Синовак” ќе се забрза процесот на имунизација

by Fokus

Со два авиона вчера на скопскиот аеродром пристигнаа 500-те илјади вакцини што Владата ги набави од кинескиот производител „Синовак”. Станува збор за најголема пратка вакцини пристигната во земјава, а вакцините ќе бидат распоредени во градовите низ државата.

Според државната секретарка во Министерството за здравство Иванка Стојаноски, која заедно со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо ги пречекаа вакцините, со оваа пратка ќе се вакцинираат значителен број граѓани со што ќе се забрза процесот на постигнување на колективен имунитет.

– Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19 и на хоспитализирани граѓани за што говори фактот дека сите ковид-центри низ државата се празни, а малиот број хоспитализирани пациенти е на Инфективната клиника, истакна државната секретарка за здравство.

Кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо порача дека вакцините се најмоќното оружје за надминување на епидемијата и посочи дека вакцината „Синовак” е одобрена од Светската здравствена организација. Во Кина, како што рече, се употребени над 1,1 милијарди дози и се вакцинираат луѓе на возраст од 3 до 100 години.

Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари за пратката на вакцини, и најави дека неделава значително ќе се забрза процесот на вакцинација на територијата на целата држава.

За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, Филипче посочи дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.

– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица, напиша завчера Филипче на Фејсбук.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 673. Оздравени се 149 961 пациенти, а починати 5484. Досега направени се вкупно 872894 тестирања на ковид-19.

Според податоците на Министерството за здравство, бројот на активни случаи е 228.

Досега во светот се заразиле 181 милиони луѓе, починале 3,9 милиони, оздравеле 166 милиони лица.

 

Поврзани новости