Новото парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, со поддршка од пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ, ги изгласа законските измени со кои се воведуваат нови и се прави реорганизација на дел од постоечките министерства.
Собраниската седница синоќа продолжи и по полноќ, а гласањето се одржа околу 2:30 часот. Измените, кои во средата ги предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање влада Христијан Мицкоски, се носеа во скратена постапка. „За“ гласаа 88 пратеници, а „против“ беа 22.
Станува збор за измени на Законот за организација и работа на органите на државна управа за што е потребно двотретинско мнозинство.
ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ заедно имаат 78 пратеници. За да ја има поддршка од дел од опозицијата, во текот на вчерашниот ден ВМРО-ДПМНЕ постигна договор со ДУИ со кој, како што беше објаснето, за возврат ќе се формира ад хок комисија во Собранието која ќе ја следи правичната застапеност во органите на државната самоуправа. На чело на ова тело ќе биде пратеник од опозицијата.
-Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност.
Секако како две сили кои имаат легитимност и коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Европскиот фронт денеска разговаравме со една цел вознемирувањата коишто ги имаме во делот на инспекторатот за албанскиот јазик и за други институции кои се дел од овој закон – рече координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети од ДУИ.
Пратениците од СДСМ и Левица, пак, се противеа на законските измени и начинот на кој се носат тие – во скратена постапка, без анализа и дебата и без вклучување на експертската јавност.
Социјалдемократите обвинија дека со оваа реорганизација на министерствата и државната управа не се прави реформа туку таа е политички мотивирана за задоволување на потребите на новата владината коалиција. Исто така, забележаа дека не се предвидува и колкава ќе биде финансиската импликација.
Во дебатаta, пратениците на Левица забележаа дека во измените не се вклучени експерти и оти според нив, на овој број население, земјава треба да има помалку, а не повеќе министерства.
Врз основа на веќе донесените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе треба да ја предложи новата влада. Рокот од 20 дена за тој да достави владина програма и состав почна да тече во четвртокот кога претседателката Гордана Сиљановска-Давкова му го додели мандатот.
Во законот се изменија 30-тина членови. Тие донесоа 20 наместо досегашните 16 министерства, како и префрлање на надлежности од еден во друг ресор.