Со вчерашниот концерт во Струмица, успешно заврши концертната турнеја на „Фрајле“ во Македонија, со целосно распродадени концерти, информираат од организацијата на настаните.
Имено, изминатата недела, женското трио „Фрајле“ одржа 5 концерти во 4 различни градови низ Македонија. Почнувајќи од Битола и Штип, па се до Скопје и Струмица.
-Пеејќи песни од нивната Војводина, како и нивни авторски песни, македонски народни песни и поп-хитови, Јелена Буча, Невена Буча и Наташа Михајловиќ ја разиграа македонската публика, која беше на нозе повеќе од два часа и во еден глас ги пееше песните на „Фрајле“, а тие пак возвратија со енергичен настап и фантастична интерпретација, како што впрочем сме навикнати од нив.
„Фрајле“ уште еден покажаа како се доминира на сцената и докажаа зошто се автентични во секој поглед.
Она што остави најголем впечаток кај публиката буквално на сите концерти, дефинитивно беше изведбата на „Јовано Јованке“, а девојките не заборавија да го испочитуваат и нашиот Тоше Проески, пеејќи ја неговата песна „Во коси да ти спијам“.
Со громогласен аплауз што траеше неколку минути и стоечки овации беа поздравени од присутните кога на публиката, со знаковен јазик и порачаа: „Ако се обидат да ве скршат и да ве повредат, бидете силни и пејте, затоа што песната е лек за сите ваши грижи“.
По завршување на концертите, „Фрајле“ се дружеа со своите фанови, а љубителите на пишаниот збор имаа можност да ја купат автобиографијата на Јелена Буча со наслов „Како станав Фрајла“, каде што добија потпис лично од нив- истакнаа од организацијата на концертите.
Од таму додаваат дека со оглед на големиот интерес за групата, не треба да изненади нивно повторно гостување во Македонија, и публиката може да очекува нови датуми за настапи.
Вики Клинчарова