Младиот музичар Огнен Здравковски е дел од патриотскиот проект на Продукција Скендеровски, и веќе ја промовираше песната „Земјо македонска” на Васка Илиева, со нов аранжман изработен од Николче Мицевски.
Проектот насловен „Македонијо, во срце те носиме” ќе содржи 12 стари македонски песни, во ново руво, отпеани од познати пејачи. Веќе беше промовирана песната ,,Оган да го гори” во изведба на Ламбе Алабакоски, а наскоро следува претставување и на останатите песни.
– Се радувам што Скендеровски продукција се сети на нешто вакво, затоа што само така ќе ги научиме сите претставници на младата генерација да ги сакаат и негуваат овие песни. Чест и задоволство ми е да пеам македонски песни, особено патриотски, за нашата Македонија.
Растен сум со музика и со убавата македонска песна. Дедо ми Наско Џорлев има напишано многу македонски рефрени од кои би сакал да одвојам неколку – „Не кажувај либе добра ноќ”, „Фато мори душманке”, „Во Струмица на улица”, „Кажи ле облаче бело”…
Ја одбрав „Земјо македонска” бидејќи ми е една од омилените патриотски песни, а имам и поврзаност со истата. Вујко ми Зоран Џорлев ја преработи по повод одбележувањето на 20-годишнината од независноста во 2011 година кога и ја изведе на централната прослава.
Пресреќен сум што имав можност да учам од него да ја негувам, сакам и творам македонска музика. Ме учеше да си ја сакам, чувам и бранам татковината, тој, за жал, повеќе не е со нас, но пресреќен и горд сум што продолжувам по неговиот пат и ветувам дека гордо и со многу љубов и труд ќе го правам тоа – истакна Огнен.
Вики Клинчарова