Поп пејачката Елена Ристеска го напиша текстот за песната ,,Дома” со која Македонија ќе се претстави на детската Евровизија 2018 во Белорусија. Музката и аранжманот на истата се на Дарко Димитров, а песната ќе ја отпее 13 – годишната Марија Спасовска од Скопје.
Веќе се снимил и спотот, во МОБ, под режисерската палка на Чедо Поповски, а во реализација на Сутерен Студио. Лани, на манифестацијата која се одржа во Тбилиси, Грузија, Македонија ја претставуваше Мина Блажев. Тогаш, од 16 земји учеснички, завршивме на 12 – то место.
Нашата земја е редовен учесник на настанот од самиот почеток на неговото одржување, односно од 2003 година. Свои претставници единствено немаше во 2012 и 2014 година. Најдобар пласман на детската Евровизија имавме во 2007 година, кога го освоивме петтото место со песната ,,Динг динг донг’’ во изведба на Росица Кулакова и Димитар Стојменовски.
Во 2006 –та, 2013 – та и 2015-та година Македонија беше на последното место. Детската Евровизија 2018 ќе се одржи на 25 – ти ноември во Минск, Белорусија.
Вики Клинчарова