За време на саботниот концерт на рок бендот ,,Меморија” во Штип, за прв пат пред публиката беше изведена новата песна ,,За тебе” која членовите од бендот и ја посветија на Виолета Икономова, сопруга на вокалистот Апостол Поце Икономов, која почина минатиот месец.
Таа околу десет години се бореше со тешка дијагноза, тумор на мозокот, а Поце и беше безрезервна поддршка во сите лоши моменти.
Песната во чест на Вики како автор ја потпишува фронтменот на бендот, Петар Георгиевски Камиказа, а ја отпеа Поце.
-Со дождот ги испратив моите солзи, за да те потсетат на нашата љубов. Со ветрот ги испратив моите бакнежи, за да ти кажам колку те сакам.
Ги замолив ѕвездите силно да блеснат, траги да следат твои од тука до вечноста. На небо ја испратив мојата болка, за да ти каже колку ми фалиш.
Сакам да заспијам, до тебе да бидам, со лисјата есенски јас да се покријам, засекогаш со тебе да бидам, и во сон да не те изгубам – се дел од стиховите на кои публиката не остана рамнодушна.
Песната ,,За тебе” е прикачена на музичкиот канал Јутјуб и веќе има над 10.000 прегледи.
Една недела пред концертот во Штип, Икономов за ,,Фокус” раскажа дека и покрај големата загуба која ја доживеа, тој ќе застане на сцената, бидејќи и неговата сопруга тоа би го сакала.
-И покрај се што се случи, се подготвувам за концертот во Штип, кој го посветувам на мојата сопруга.
Таа ќе биде со мене и таму, на сцената, присутна во секој отпеан стих, истакна Поце.
Големиот концерт на бендот, на кој присуствуваа над 1.700 посетители од целата земја е еден вид на најава на многу нови настапи, кои ,,Меморија” ги планирала наредниот период.
Вики Клинчарова