Денес се навршуваат 21 година од смртта на доајенот на македонската народна есна, Васка Илиева. Таа почина на 78-годишна возраст, од мозочен удар во нејзиниот дом, додека се подготвувала за снимање за одбележување на смртта на Гоце Делчев.
Животот на Илиева, која остана запаметена по неверојатниот глас, од најрана младост бил посветен на музиката.
Секогаш пеела во живо, потекнувала од музичко семејство, а татко и бил гајдаџија и еден од основачите на ансамблот ,,Танец”.
Се омажила доста млада, на 17 години, и имала тежок живот, па се вработила во ,,Танец”.
Нејзиниот сопруг не бил задоволен што таа решила да се посвети на музиката, да оди на турнеји и да настапува, за што таа раскажа во едно интервју.
-Се бараа солисти во ,,Танец”, бевме многу сиромашни и морав да работам. Сопругот не ме пушташе да одам на турнеја, иако татко ми ме поддржа. Заминав на турнејата која траеше еден месец, а по враќањето сопругот ми ги зеде парите и ми ја искина носијата. Сепак, по некое време јас пак му се вратив на пеењето – раскажуваше музичката легенда.
Знаеше да каже дека кариерата многу и дала, но и многу и зела во животот. Го изгубила своето дете веднаш по породувањето, и никогаш не криеше дека болката по чедото си ја лекува со песна.
Откако по породувањето и кажале дека детето и е мртво, таа се избезумила и многу тешко се носела со траумата. Дури и верувала до крајот на живот дека нејзиното дете е живо, бидејќи не ја известиле што се случило и од што починало.
Самата раскажуваше дека после тоа што и се случило, никогаш повеќе не помислила да има деца и решила да се сврти целосно кон песната.
Со сопругот Кице Илиев се разведе во своите четирисетти години, а потоа повторно се омажи за Ристо Глоговац, кој бил воено лице. И со него бракот не траел долго, се разделиле по неколку години брак.
Во текот на својата кариера пеела пред Тито, пред Черчил, пред оперската дива Марија Калас, пред кралицата Елизабета… и остана епитетот Мајка на македонската изворна песна.
Вики Клинчарова