Со пешачење и разговор до надминување на стигмите помеѓу младите

by Fokus

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денес пешачеше заедно со групи младинци во Струмица и Валандово. Преку истражување, извидување, разговор и активности во природа, со овие пешачки рути започна Иницијативата „Walk and Talk“.

„Walk and Talk“ настаните се фокусираат на подигнување на свеста и надминување на стигмата поврзана со менталното здравје помеѓу младите. Ги покануваме младите луѓе на возраст помеѓу 15-25 години да се придружат кон активностите и разговорите за предизвиците околу менталното здравје- информираат од Иницијативата „Walk & Talk“ која ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници во партнерство со УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Станува збор за настани кои се организирани како младинска пешачка рута во 16 општини и градот Скопје, каде ќе се организираат разговори и бројни активности и истите ќе траат околу два часа.

За секој настан ќе има мапа по која младите ќе се движат со три точки на застанување, при што експерти за менталното здравје заедно со младите ќе имаат можност да поразговараат, споделат мислење и искуства околу предизвиците со кои тие се соочуваат.

-Денес се дружевме со младите во Струмица и Валандово, значи освен лица од 15 до 25 години, не радува што ни се приклучија и помлади учесници. Активностите се всушност дружба преку пешачење, но и разговор, запознавање…

Имаме и стручени лица вклучени во иницијативата, чија цел е да се стави акцент на благосостојбата на младите, да се пренесе пораката за важноста на движењето во природа истовремено со дружење и разговор.

Животот е патека по која се искачуваме, на секоја точка од рутата на која запревме имавме активности, а учесниците беа пријатно изненадени од целиот настан – ни истакнаа од МТСП.

Порачаа дека останатите 14 рути ќе се одржат во поголемите градови во земјава до јануари, а последниот завршен настан ќе се одржи во Скопје.

Од Иницијативата упатија апел да приклучат што е можно повеќе учесници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости