Текстот е објавен на 19-ти октомври 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 903
Пишува
Гоце МИХАЈЛОСКИ
Додека го подготвував текстов, доградбата на скопскиот Градски стадион, кој од пред неколку години е прекрстен во национална арена „Филип Втори”, беше единствениот градителски проект меѓу првите десет на гласањето за најдобар реализиран проект што го прави ВМРО-ДПМНЕ на својата интернет-страница. Далеку пред сите споменици, капии, театри и музеи. Пред него беа само три проекти: визната либерализација, пресудата на Меѓународниот суд во Хаг за спорот со Грција и субвенциите во земјоделството.
Ова гласање, иако научно е нерелевантно, сепак уште еднаш го потврдува впечатокот што владее во јавноста (барем јас не сум сретнал некој со поинакво мислење), дека тоа е единствениот од објектите што оваа власт ги гради во рамки на проектот „Скопје 2014”, за кој има општ консензус во општеството. Едноставно, сите граѓани во државава, и вмровци и сдсмовци, и битолчани и охриѓани и скопјани, и Македонци и Албанци, и мажи и жени, сметаат дека на Македонија ѝ требаше модерна и голема спортска арена и дека е добро што конечно некој се сети да ја изгради.
Се разбира, ваквото мислење е оправдано, бидејќи доскорашниот изглед на стадионот не беше ниту мотивирачки, ниту претставителен, како што заслужува една држава. Од таму, човек што било да проблематизира во врска со овој проект, особено во ваков „патриотски” амбиент во кој се наоѓаме, ризикува да биде во најмала рака прогласен за предавник!
Но, она што паѓа в очи и што заслужува пристојно внимание и анализа, и покрај тој ризик, е секако цената на чинење на овој грандиозен проект и постапките поврзани со тендерите. Станува збор за еден од најголемите договори потпишани во историјата на Македонија, вредни околу 75-80 милиони евра, што ги доби градежната компанија „Бетон” од Скопје, која се поврзува со бизнисменот Минчо Јорданов. За што точно никогаш јавно и транспарентно не беше соопштено, како што впрочем доликува на нашите институции. Тие секогаш тврдат дека сѐ е според законот, но кога ќе им побарате и елементарни податоци, ги кријат како змија нозете!
ПОБЕДНИК НА ДВАТА ТЕНДЕРА
За потребите на овој текст направивме уште еден напор да дознаеме детали од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) и од компанијата во врска со работите што се изведуваат, но и тие завршија безуспешно. Така, освен официјалните изјави што ги давале функционерите и претставниците на „Бетон” при поставувањето на некој од камен-темелниците на новите трибини, или при нивното пуштање во употреба, основни работи поврзани со договорите можат да се најдат единствено на сајтот на Бирото за јавни набавки, на кој, за среќа, сите државни институции се обврзани да ги објавуваат барем сумите и фирмите што ги добиле.
Ова не важи за првиот договор, за уривање и изградба на новата северна трибина, бидејќи тој беше потпишан на крајот од 2007 година, а електронскиот систем за јавни набавки почна да функционира од 2008 година. Од она што може да се најде во тогашните изданија на медиумите, по долги најави и тендерски процедури, договорот за оваа трибина го добил „Бетон” во конкуренција на седум компании, меѓу кои и австриски „Алпине” и скопски „Гранит”. Со него се обврзал во рок од 18 месеци да ја изгради новата северна трибина, по урнекот на јужната, но таа да биде помодерна и покомотна.
Договорот за изградбата на оваа трибина со капацитет од 10.032 седишта беше тежок 896 милиони денари (14,5 милиони евра). На трибината беа направени и ВИП-ложа и професионални позиции за спортските коментатори, а во поттрибинскиот простор нови соблекувални за екипите. Така, оваа трибина стана главна на стадионот.
Единствено остана незавршен комерцијалниот дел од поттрибинскиот простор на трибината, па тој беше вклучен во следниот тендер за изградба на новите источна и западна трибина, што беше распишан во 2008 година.
Станува збор за обемен тендер, со кој, освен доградбата на северната и изградбата на новите источна и западна трибина заедно со поттрибинскиот простор во нив, се предвидува и реновирање на јужната трибина, фудбалскиот терен, атлетските патеки и борилишта, нова фасада за стадионот со илуминација и учество во изградбата на инфраструктурната мрежа. На тендерот се пријавиле пет компании, но победник повторно бил „Бетон”. За доградба на преостанатите работи на стадионот, компанијата добила фантастични 58,8 милиони евра!!!
Зошто сумата е толку голема, остана нејасно до ден-денешен. Која изведена работа по ставки колку чини, знаат само ЈПССДП и „Бетон”. Камен-темелникот на источната и западната трибина беше поставен во септември 2009 година, набргу после промовирањето на новата северна трибина, што се случи еден месец пред тоа.
За две години, во летото 2011 година, тие веќе беа издигнати и пуштени во употреба. Од тогаш се реновираа и теренот и атлетските патеки, но стадионот се уште е далеку од готов. Не се завршени влезовите за источната и западната трибина и поттрибинскиот простор, а сѐ уште не е почнато и новото обликување на фасадата и осветлувањето на градбата.
Но, и покрај тоа што на стадионот има уште многу работа, договорот со „Бетон” уште лани се исполнил, па почнаа да се потпишуваат анекси. Досега, барем според достапните податоци, потпишани се вкупно четири, во висина од неколку милиони евра.
Сите се за работи кои биле предвидени и со основниот договор, па останува нејасно, зошто „Бетон” не ги пресметал точно трошоците што го чекаат уште при потпишувањето на договорот, а јавното претпријатие сега му ги признава како „дополнителни” работи!?
АЛБАНИЈА ГРАДИ НОВ СТАДИОН ЗА 60 МИЛИОНИ ЕВРА!
Како и да е, дури и без анексите, договорот е исклучително голем за македонски услови. Особено забележлива е големата разлика на чинење на изградбата на источната и западната трибина, споредено со чинењето на изградбата на северната трибина, која, исто така, ја градеше „Бетон”.
Особено ако се има предвид дека тие се и значително помали и имаат по 5.960 седишта, или речиси двојно помалку од северна. Но, и да земеме дека се исти колку и северната, сепак, изградбата на двете по таа математика би чинела 29 милиони евра, а не над 60!
Се разбира, голем трошок е и завршувањето на поттрибинскиот простор на северната трибина и реконструкцијата на јужната трибина, како и на спортските терени, но, според сите градежни експерти што ги консултиравме, ни од далеку тоа не би требало да чини над 30 милиони евра!
Тревата, на пример, како што успеавме да дознаеме, чинела околу 300.000 евра!!!
Упатените во градежниот бизнис велат дека подобро ќе беше „Филип Втори” да се оставеше само со северна и јужна трибина, а со парите за помалите трибини да се изградеше уште еден нов стадион. Според нивните пресметки, изградба на стадион од средна големина, каков што е нашиов со вкупно околу 32.000 седишта, чини од 2.200 до 2.500 евра по седиште.
За пример го посочуваат Националниот стадион во Тирана, познат како „црвено-црн дијамант”, кој, според најавите, ќе започне да се гради следниот месец. Според проектот од 2010 година, предвидено е тој да има 33.000 седишта и да чини 60 милиони евра. Оваа сума денес ќе биде нешто поголема, но, според очекувањата, нема да ги надмине тие 2.500 евра по седиште. А, нашиве источна и западна трибина, според досега потрошеното, чинат двојно повеќе или по околу 5.000 евра по седиште!!!
Во очекување на некои потранспарентни времиња, кога директорите ќе бидат расположени да кажат како се трошат парите, ни останува да ја почекаме доградбата на стадионот, најавена за 2013 години, и да се надеваме дека ќе гледаме добри фудбалски натпревари, па макар тоа не чинело и 100 милиони евра. Кога страста е во прашање, особено спортската, за пари не се прашува!
МОЛК ОД ЈПССДП И „БЕТОН”
Во текот на неделата по електронска пошта испративме речиси идентични прашања поврзани со изградбата на стадионот и до директорот на ЈПССДП, Цветко Грозданов, и до менаџментот на „Бетон”, но до затворањето на бројот не добивме апсолутно никаков одговор. Еве кои прашањата им беа испратени.
1. Зошто се потпишани четири анекси кон основниот договор за изградба на источната и западната трибина, кога сите трошоци, вклучително и обновата на терените и атлетските патеки, беа предвидени и со основниот договор?
2. Кога во целост ќе бидат завршени работите и дали се планира потпишување на нови анекси до тогаш?
3. Зошто вториот договор, за изградба на источна и западна трибина, е четири пати поскап во однос на првиот договор за изградба на северната трибина, кој, исто така, го градеше „Бетон”? Првиот договор беше 14,5 милиони евра, а вториот заедно со анексите надмина 60 милиони евра?
„БЕТОН” СЕ ПОЖАЛИ ДЕКА МУ ДОЛЖАТ, ПА СЕ ПИШМАНИ!?
Градежната компанија „Бетон” во мај годинава прво објави дека државата ѝ должи „најмалку 37,6 милиони евра” за изградбата на источната и на западната трибина на стадионот „Филип 2”, за веднаш потоа од непознати причини самата да се демантира.
На акционерско собрание, менаџментот побара и доби одобрение од акционерите да подигне кредит од 1,6 милиони евра од Стопанска банка, за што како залог, меѓу другото, беше наведено дека се става и побарувањето од државното претпријатие за станбен и деловен простор, кое се појавува како инвеститор на доградбата на стадионот.
Но, веднаш по објавувањето на информацијата, демант стигна и од државното претпријатие, кое тврдеше дека „наводот е целосно неточен и невистинит”, но тоа што посебно зачуди е што демант стигна и од „Бетон”, потпишан лично од генералниот директор Трајко Трпевски. Во него, тој „со прилична доза револт”, тврдеше дека информацијата била извадена од контекст.
– ДГ „Бетон” има склучено договор со Република Македонија преку ЈПССДП за градскиот стадион во Скопје, на износ од околу 50 милиони евра. Станува збор за повеќегодишен договор, кој досега е делумно реализиран, а реализираното досега во целост е исплатено – рече Трпевски, но не кажа колку му е исплатено!
СКОПСКИ „БЕТОН” НАЈГОЛЕМ ГРАДИТЕЛ НА „СКОПЈЕ 2014”
„Бетон” важи за еден од најверните партнери на владата во изградбата на проектот „Скопје 2014”. Според податоците од Бирото за јавни набавка, оваа градежна компанија последниве две-три години од државата има добиено работа вредна 150 милиони евра, најголем дел од неа поврзана токму со градбите од овој проект!
Од нив, освен највредниот за изградба на источната и на западна трибина на стадионот „Филип Втори”, поголеми се договорите за новите згради на МНР и на Јавното обвинителство, вредни 30 милиони евра, за катна гаража и Градската куќа вредни 25 милиони евра, реконструкцијата на Собранието за повеќе од 13 милиони евра и доградбата на зградата на Министерството за транспорт за околу пет милиони евра. Речиси на сите овие договори има добиено и по некој анекс, вреден стотици или милиони евра. „Бетон” ги изгради и речиси сите постаменти за споменици и фонтани!