Со палење на маските завршува Вевчанскиот карневал

by fokus

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, попладнево ќе заврши годинешното издание на Вевчански карневал.

Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата каде што има име Васил, Василиј.

Во фокусот и на годинашното карневалско издание беа актуелните состојби во земјава и светот. На сатиричен и уникатен начин вевчанци ги прикажаа енергетската и економската криза, изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а се пошегуваа и со работењето на актуелната власт.

Во Вевчани пристигна и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел со Францускиот предлог, имаше обид за решавање на спорот со соседна Бугарија, активисти на Анима мунди се бореа за правата на животните, продефилира и Жан Митрев со дел од неговата клиника, а антикорупционерите работеа на решавање на проблемот со корупцијата. И војната во Украина и Светското првенство во фудбал беа инспирација за вевчанци, но не ја заборавија ниту кралицата Елизабета, а свој настап имаше и Мањифико со својот бенд.

Поврзани новости