Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва од Горна и Долна Маала во центарот на Вевчани, денеска попладне ќе заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал.
Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и оти ќе имаат среќна и бериќетна година. Уште од утре тие ќе почнат да планираат во што ќе се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат. Инспирирани од актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин ги исмеваат, но и упатуваат силни пораки кон политичарите и општеството.
Сите главни општествени случувања од Македонија и од светот вчера продефилираа на Вевчанскиот карневал. Се протестираше за Новак Ѓоковиќ под името „No Vac“, Кастриот Реџепи носеше слика на Зоран Заев, а тука беа и Талибанците.
Се појави и Стојанче Ангелов кој ги гасеше пожарите, а не изостанаа и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните.