389
Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани, попладне ќе заврши годинашниот Вевчански карневал.
Зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, инспирирани од актуелните случувања изминатава година, според традицијата, денеска ќе ги посетат вевчанските семејства каде што има име Васил, Василиј. Во утринските часови, заедно со членови од семејствата беа на Вевчанските извори полнеа вода со која го правеа вевчанскиот кашаник со паричка.
Вевчани изминатите два дена претставуваше отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, но и туристи од земјава и странство. Меѓу највпечатливите маски на овогодинашниот карневал беа СОРОС во Македонија, Шарена револуција, федерализација и кантонизација на државата, низ вевчанските улици се продаваа и дипломи од Косово за 5.000 евра, а внимание привлекоа и фантомските тутунарки. Не изостанаа ниту маските од секојдневието, омилените цртани ликови, како и други со страшни и смешни содржини.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои олицетворение на злото и двајцата глупи Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.