Партијата Демократски сојуз на чело со Павле Трајанов којашто е дел од владината коалиција предупредува на процес на сечење на македонските корени преку заедничката комисија за историски и образовни прашања, со што, според партијата, се отвора процес на бугаризација на Македонија.
-Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија.
Демократскиот сојуз оценува дека е неприфатливо со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет. Ова е безуспешен обид на транспозиција на современата свест во далечното минато и погрешно сфаќање на историјата, формирана во периодот на комунизмот.
Со оспорување на македонските просветители и револуционери кои се дел од кодот на секој Македонец, се негира македонскиот идентитет, неговите корени и иднината. Да потсетиме, тој што нема историја, нема иднина, а токму тоа сега се прави, се вели во реакцијата на партијата.
Оттаму ги повикуваат историчарите од Македонија, од регионот и од Европа и сите прогресивни луѓе, да застанат зад историските факти во одбрана на македонскиот народ и неговиот идентитет, историја, култура и јазик.
-Договорот е со фабричка грешка, бидејќи поаѓа од наводна заедничка историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, но Бугарија под таа формулација подразбира „бугарска историја“.
Инаку само носители на политички и дравни функции, без национална свест и интегритет, како и со лукративни цели, можат да не водат сметка за македонските национални и државни интереси, се додава во реакцијата.